Српска опозиција: По 10 години СНС и Вучиќ не може да формираат власт во Белград
По неуспехот на конституирањето на Собранието на град Белград со што се создадоа услови за распишување распишат нови избори, српската опозициска коалиција Србија против насилството (СПН) порачаа дека по 10 години Српската напредна странка (СНС) и Александар Вучиќ не се во можност да формираат власт во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
-Изборите ќе се повторат, условите ќе се сменат и Белград добива нова шанса да има власт што ја заслужува, изјави на прес-конференција Владимир Обрадовиќ, кандидат за градоначалник на Белград од листата на СПН.
Одборникот на Народното движење на Србија Милош Павловиќ изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ по десет години првпат доживеал пораз во Белград.
-И покрај кражбата на гласови и инженерингот, Српската напредна странка не може да формира власт. Белграѓани покажаа дека не го сакаат Вучиќ, ниту Српската напредна странка, туку сакаат промени, рече Павлавиќ.
Претседателот на Партијата за слобода и правда (СПП), Драган Ѓилас, во писмената изјава до медиумите порача дека на новите избори во Белград треба да се излезе во форма на сојуз на сите оние кои се за промени.
Според него, сојузот би ја сочинувале сите партии од коалицијата „Србија против насилство“ и коалицијата „НАДА“, како и сите други партии кои се во опозиција на сегашниот режим.
Ѓилас кажа дека услов за излегување на изборите е да се почне со спроведување на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), особено кога е во прашање избирачкиот список.
-На тој начин, на денот на изборите, всушност би имале референдум на кој сите белграѓани, но само белграѓани, би се изјасниле дали се или не се за тоа да продолжат да управуваат со нивниот град (претседателот на привремената власт на Белград, Александар) Шапиќ, (Претседателот на Србија, Александар) Вучиќ, (премиерката на Србија Ана) Брнабиќ, додаде тој.