Срѓан Керим се појави во Македонија

Поранешниот министер за надворешни работи и директор на МПМ беше на приемот на германската амбасада по повод денот на обединувањето на Германија


 

Екс-министерот за надворешни работи, амбасадор, сопственик и директор на медиумската империја МПМ и актер во истрагата за нејзиното згаснување, Срѓан Керим, по бегањето на сигурно од Македонија во Опатија, Хрватска, се појави на прием во Скопје.  И тоа не каде било , туку на приемот на германската амбасада по повод обединувањето на Германија, на кој присуствуваше речиси целиот дипломатски и политички естаблишмент, вклучувајќи го претседателот на државата, Стево Пендаровски, спикерот на парламентот, Талат Џафери, шефот на дипломатијата Бујар Османи и други.  

Неофицијално, Керим се обидувал да добие финансиска и веројатно политичка поддршка од македонското МНР за да врши функција поврзана со екологијата во Обединетите нации, односно поедноставно кажано ние да му плаќаме како граѓани за тој да биде функционер на ОН.

Керим, инаку, веќе е дел од некое неформално консултативно тело на министерот Бујар Османи, што беше дочекано со негативни реакции во јавноста како обид за негова политичка рехабилитација од страна на ДУИ чии бизнис филијали сега се покровители на неговите амбиции да се одржи живо во дипломатијата и во политиката. 

Во мај годинава специјализираниот портал „Правосудство“ напиша дека кривичната истрага за сопствениците на „Медиа Принт Македонија“ била завршена. Порталот тврдеше дека Керим, се сомничи за три кривични дела. (Н.В.)