Срѓан Драгојевиќ снимаше филм во Скопје: Сакам да се преселам во Дебар Маало


Српскиот режисер и сценарист Срѓан Драгојевиќ, познат по филмовите „Рани“, „Убавите села убаво горат“, „Парада“, „Ние не сме ангели“… деновиве престојуваше во Скопје каде што го снимаше својот најнов филм со наслов „Од рајот“.
Филмот е српско- германско-македонско-хрватско-словенечко-црногорска копродукција зад која застанаа продуцентите „Делириум“ од Србија, во копродукција со „Сектор филм“ од Македонија, „Фикшн ГМБХ“ од Германија, „Форум Љубљана“ од Словенија, „Студио дим“ од Хрватска, „Макс филм“ од Црна Гора.


– Одлично поминавме со снимањето овие неколку дена во Скопје. Задоволен сум од изборот на локациите и мислам дека ќе биде одличен филм. Секогаш е убаво кога се враќам во Скопје, дури и би се преселил во Дебар Маало. Филмот се занимава со Божјо чудо кое се јавува во времето на транзиција во една посткомунистичка земја. Појавата на чуда е одговор на колективната свест за промените кои ја принудуваат целата заедница, да го гледа светот околу себе наопаку, со други очи. Не се споменува конкретна земја или нација бидејќи сакав приказната да биде поуниверзална – вели Драгојевиќ.
Во Скопје снимале претежно во затворени простори како зградата на Опера и балет, за која Драгојевиќ рече дека е една од најдобрите градби на просторите на бившата југословенска држава.


– Не ни се допаѓа многу новиот екстериер на Скопје – додаде кратко режисерот.
Филмот, вели Драгојевиќ, ќе отвори многу прашања, иако не е поврзан со политика.
– Филмот не е политичка сатира. Политика е премногу едноставна работа за да се занимаваме со неа, а овој филмот е многу покомплициран. Мојата сестра е монахиња, и таа филмот го нарекува „христијанска комедија“, јас се согласувам со неа, но мислам дека е повеќе христијанска алегорија. Мислам дека е малку трагичен, има и хумор, но во суштина е базично сериозен филм – вели тој.
Драгојевиќ вели дека ние сè уште учиме да бидеме христијани, иако некои поголем дел од животот биле можеби и атеисти.
– Моите три приказни во филмот се настанати по мотивите на трите приказни на еден заборавен француски писател. Го читав уште во 80-тите. Сепак, условите се целосно различни, затоа што во филмот настаните се случуваат сега. Земјата што се опишува во филмот не е ниту Србија ниту Македонија, туку земја од Источна Европа во транзиција – вели тој.


Главните улоги ги толкуваат Горан Навојец и Ксенија Маринковиќ. Во приказната се сопружници кои во текот на повеќе од триесет години, драстично си ги променуваат животите.
– Со Срѓан соработувам третпат, а во овој филм играм добар маж, атеист, кому еден ден ќе му израсне ореол на главата и станува светец. Интересно е како тоа ќе го прифаќа околината во која живее мојот лик. Ова мие најдобрата машка улога што сум ја одиграл – рече Навојец.
Неговата партнерка во филмот, глумицата Ксенија Маринковиќ, рече дека карактерот на нејзината улога варира во зависност од деловите на филмот.
– Играм жена малограѓанка, на чиј сопруг на главата му се појавува ореол. Таа се обидува да го отстрани тој израсток на главата од сопругот, па почнува да се развива приказната. Понатаму, двајцата ќе почнат да прават гревови, од најмал па до најголем – дополни актерката Маринковиќ.


Филмот е поделен на три приказни. Првата приказна, како што кажа режисерот, се одвива во 1993 година, втората во 2001 година и последната во 2026 година, односно во блиска иднина.
Во „Од рајот“ игра добро избрана актерска екипа меѓу кои и Срѓан Жика Тодоровиќ, Ана Мандиќ, Бојан Навојец, Милош Самолов. Македонските актери Ратка Рамдановиќ и Дениз Абдула ќе имаа имаат помали улоги во филмот, но сепак значајни за приказната.
Драгојевиќ очекува филмот да излезе следната година пред почетокот на летото, доколку сè биде како што трева во постпродукцискиот период.


Владимир Анастасов од „Сектор филм“ Скопје рече дека филмот се подготвува речиси три години во поглед на финансирање и заокружување на финансиската конструкција. Ова е нивна втора соработка со Драгојевиќ, по соработката за филмот „Парада“.
– Се работи за комплексен филм, но на покана на Срѓан како продукција аплициравме со филмот до нашата Агенција за филм од каде што ни дадоа голема поддршка. Со напорна работа од три години, филмот доживеа првиот ден од снимањето да биде во Македонија, каде што е почетокот и крајот на филмот. За два дена продолжуваме во Србија и ќе снимаме пет и пол недели и на крај завршуваме со снимање во Германија – рече Анастасов.
Македонската Агенција за филм го поддржа филмот со 12 отсто од вкупниот буџет на филмот. Проектот е поддржан и од филмските фондови на земјите на копродуцентите, а снимањето го потпомогна и Еуримаж.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски