Средства за дезинфекција со поминат рок им прати Хрватска на граничарите


Во обид да ги заштити од вируси оние кои се напрвата линија на удар и во контакт со голем број луѓе, надлежните во хрватска им поделија на граничарите заштитна опрема, но како што некои споделија на Твитер, средствата за дезинфекција се со поминат рок и тоа пет години.

Како што пренесе „Слободна Далмација“, првиот производ е „Асепсол еко“ на кој рокот на траење му бил до март 2017 година, а вториот е „Плива септ тинктура“ со рок на траење до август 2015 година.

Како што наведува медиумот, овие средства за дезинфекција официјално се сметаат за медицински отпад и треба, според дефиницијата од Министерството за здравство, да се постапува со нив како со токсични и опасни, па по истекот на рокот да се уништат според пропишана процедура.

Инаку, хрватските власти најавија дека е можно Владата да ги забрани сите поголеми собири во затворен простор.

Како што изјави министерот за здравство Вили Берош, тоа би се направило по примерот на другите земји, а целта е да се спречи ширењето на коронавирусот.

Во Хрватска моментално има 12 луѓе заразени со Ковид-19.

Словенија веќе вчера ги забрани сите собири над 500 луѓе на затворено.

Поради ширењето на коронавирусот во соседна Словенија, хрватските власти најавија дека ќе ја зголемат контролата на граничните премини.