Средношколците сега бараат намалување на материјалот за полагање


Протест на средношколци и студенти пред МОН (Фото: Б. Богдановска)

Со транспаренти на кои пишуваше „Бидете во чекор со генерацијата“, „Каде се реновираните студентски?“,  „Носители на општествените промени“,  „Пак ли ни го јадете оброкот?“ и со свирежи од свирчиња, педесетина средношколци кои ја поддржуваат Организацијата за  дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), денеска пред Министерството за обраозование протестираа во однос на спроведувањето на државната матура годинава, при што бараа да се намали материјалот за испитите.  

– Ние средношколците коишто сме денеска собрани пред МОН заедно со поддршка од студентите, сме тука во однос на матурата која треба да се одржи во мај. Најавено е дека има скратен материјал, но увид во материјалот ние немаме добиено. Нашето барање како матуранти е да биде скратен материјалот за полагање, со оглед на сето она што го поминавме како матуранти овие четири години. Поминавме низ ковид-криза, поминавме нив дојави за бомби, поминавме низ штрајкови на професори коишто ги поддржавме, поминавме низ штрајкови на вработените во ЈСП, што го отежна доаѓањето на учениците на училиште. Сите овие фактори дефинитивно ќе влијаат на полагањето на државната матура – рече рече Алисија Угриновска од ОДАС.

Очекуваат средба со министерот Шаќири, која е закажана за денеска во 13 часот, по  што ќе излезат со заклучоците.

Сметаат дека има задоцнета реакција на Сојузот на средношколците, кои имале средба за бесплатниот јавен превоз на учениците, но не се спомнале ништо за најголемиот проблем полагањето на државната матура.

Доколку барањето за намалување на материјалите не биде подрржано, ќе бараат укинување на еден интерен предмет.

Зад Организацијата стои Претседателство и средношколци кои ја поддржуваат идејата за подобрување на условите во средното образование.

И студентите денеска им се придружија на средношколците, кои пак бараат зголемување на субвенционирањето на студентскиот оброк на 160 денари дневно, навремено исплаќање на стипендиите и субвенициите и реновирање на студентските домови. 

„ Целта на овој протест е немањето слух на владата за нашите проблеми. Бараме зголемување на субвенционираниот студентски оброк и почитување на роковите на исплата на оброкот и стипендиите, бараме подобрување на условите во студентските домови кои се катастрофални…“ рече Теодора Наумовска.

Тие рекоа дека не се почитуваат рокотвите за исплата и дека стипендиите доцнеле шест месеци, а субвенциите за  оброците по еден месец.