Средношколците на протестот покажаа дека држат дистанца и носат маски


Фото: Б. Грданоски

Стотина средношколци, попладнево се собраа пред зградата каде е сместено Министерството за образование, да го изразат своето незадоволство од одлуката на власта оваа учебна година наставата да се одвива онлајн, како заштита од ширење на корона вирусот.

Тие, со танспаренти во рацете, некои и на англиски јазик, маршираа кон зградата на Владата во знак на протест против начинот на реализација на новата учебна година од 1 октомври, а бараат новата учебна година да почне со комбинирана настава, не онлајн како што е предвидено.

Фото: Б. Грданоски

Според нив, за начинот на организирање на наставата не треба да се одлучува на централно ниво туку да се одлучува според епидемиолошката слика во општините, тоа значи да не се гледа сликата само во поголемите градови туку бројот на новозаразени и на активни случаи во секоја општина поединечно.

Пред Владата ќе ги искажат своите барања, но нема да прифатат средба со владини претставници. На улицата пред зградата на владата, учениците седнаа на асфалтот. Сите носат маски, а држат и соодветно растојание.

На средношколците им се придружија и повеќе родители, кои во рацете носат пораки: „Сакам во градинка, мајка ми ќе остане без работа“, порачувајќи дека и градинките мора да се отворат есенва, за да можат слободно родителите да продолжат да одат на работа, а децата да им се згрижени.

Родителите на средношколците сметаат дека наставата треба да почне утре, на 1 септември, затоа што така е поставена наставната програма, организирана од септември до јуни. Велат дека генерации деца  ќе имаат уништена учебна година, ако таа не почне со физичко присуство на учениците во училишните клупи.

Фото: Б. Грданоски

 

Минатата недела претставници на средношколците беа на средба со министрите за здравство и образование во Владата, каде им беа објаснети епидемиолошките ризици од организирање настава со физичко присуство, но сепак не се откажаа од денешниот протест.

Фото: Б. Грданоски

Денеска, пристигна поддршка од Првата детска амбасада Меѓаши. Оттаму велат дека ова е добар и поттикнувачки пример на детско-младинско учество.

„Упатуваме апел до институциите да обезбедат континуирано и системско учество на учениците, средношколците и основците, во донесување на одлуките од областа на образованието. Ваквото учество не смее да биде сведено на еднократни средби, по кои учениците нема да бидат известени ниту дали, ниту пак како нивните мислења биле земени предвид во донесувањето на одлуките“, велат од Меѓаши.