Средношколците на протести ќе бараат да учат во училиште


Фото: Б. Грданоски

Незадоволни од одлуката на Министерството за образование наставата во новата учебна година да се следи исклучиво онлајн, средношколците во петок излегуваат на протест во Скопје.

Унијата на средношколци бара од властите овозможување и на физичко присуство на наставата во регионите каде тоа го дозволуваат здравствените услови. Доколку Министерството за образование остане на одлуката за исклучиво онлајн настава тие најавуваат бојкот.

Според одлуката на Владата учебната година кај нас ќе почне онлајн, освен за учениците од прво до трето одделение кои исто така можат да ја следат настават и онлајн ако така одлучат родителите. Но, и во овој начин на одржување на наставата се појавуваат низа дилеми, посебно околу тоа дали најмладите ќе можат да ги почитуваат здравствените препораки како одржување физичка дистанца. Затоа дел од психолозите препорачуваат спроведување  онлајн настава.

Министрите за здравство и за образование, Венко Филипче и Арбр Адеми, претходно неделава најавија дека учениците од прво до трето одделение ќе почнат да одат во училиште, додека останатите ќе ја следат наставата онлајн. Сепак надлежните оставија простор доколку некој од родителите на децата од прво до трето одделение не се согласува, нивното дете да може да ја следи наставата и онлајн. Адеми соопшти дека по барање на одредени општини, ќе се разгледува одделно можноста и учениците од трето одделение па нагоре, наставата да ја следат физички.

Вчера од Владата се сретнаа со претставници на средношколците, по што беше објавено дека заедно ќе соработуваат на усовршување и најдобра имплементација на моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на Кoвид-19. Од Владата ја прифатија сугестијата на претставниците на Сојузот на средношколците за нивна поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците.

Додека земјава чека функционално Собрание, измена на закони и протоколи за настава во услови на пандемија поради корона вирусот, соседството веќе ги утврди правилата за учениците и наставниците.

Србија дава можност за избор за присуство во училница или онлајн настава со скратени часови од 1 септември. Нема да имаат можност за избор родителите на учениците во Хрватска, каде според најавите учебната година ќе започне на 7 септември во училници со почитување на сите епидемиолошки мерки.

Во училишните клупи се враќаат и бугарските ученици од 15 септември. Децата ќе носат маски во училишните ходници, но не и во училница за време на настава. За десетина дена се отвораат и училиштата во Албанија каде учениците ќе добиваат посебни инструкции за одржување дистанца. Модели за спроведување на наставата се подготвени и во Словенија каде на 1 септември стартува учебната година, но се разработува и посебен план во случај на зголемување на бројот на новозаразени. За присуство на учениците во училиштата се одлучи и Грција каде наставата ќе почне на 7 септември.