Средношколците на протест пред МОН бараат да биде укината матурата


Фото: Сител

Во моментот пред зградата на Министерството за образовани и наука протестираат средношколците, кои воедно најавија и бојкот на наставата во училиштата. Протести организираат и средношколците од другите градови во државава.

Средношколците бараат да биде укината државната матура или како што велат да го направат само проектот, што како задача им се бара во рамки на годинешната матура.

Претставниците на Средношколскиот сојуз претходните денови имаа состанок во МОН каде изнесоа две барања за државната матура поради специфичните услови од пандемијата – да полагаат два наместо три екстерни испити и помалку да биде вклучен наставниот материјал што го изучуваа преку онлајн-платрформи откако почна ковид-кризата, односно од второ полугодие во трета година. 

Претходно, министерката за образование, Мила Царовска рече државната матура ќе се реализира и покрај барањата на некои матуранти да не се одржи поради пандемијата.

Царовска наведе дека грешката од минатата година кога матурата беше откажана, не треба да се повторува зашто многу ученици не успеаја да се запишат на универзитети во странство.

Државната матура следната година, сепак, ќе се реализира по скратена наставна програма.

Државната матура во учебната 2020/2021 ќе се полага од 29 мај до 14 јуни. Треба да се полагаат три екстерни предмети – задолжително мајчин јазик, странски јазик или математика и уште еден изборен испит за кој се понудени десет предмети. Покрај екстерните, државната матура опфаќа и интерен предмет и проектна задача.