Средношколци не одат во училиште, пуштен приведениот за заканите со бомби

Заканите со бомби во два наврати доаѓаа во попладневните часови, кога на настава се учениците од втора смена. Првиот пат, заканата дојде наутро, па евакуирани беа ученици од првата смена.


Фото: Б. Грданоски

Откако три пати досега се случи закана со поставени бомби во десетина скопски средни училишта, кои се покажаа како лажни, во една скопска гимназија утрово учениците се вратија дома, затоа што самоиницијативно се организирале, од страв за својата безбедност, да не посетуваат настава.

Ова се случува на тромесечие, кога секојдневно се врши тестирање на стекнатото знаење и се ставаат оценки. 

Дел од учениците сакаат да посетнуваат настава, но ако замине половина клас, беспредметно е да се одржува час на тие што останале.

Заканите со бомби во два наврати доаѓаа во попладневните часови, кога на настава се учениците од втора смена. Првиот пат, заканата дојде наутро, па евакуирани беа ученици од првата смена. 

По добивање на заканата преку меил на училишните адреси, полицијата излегуваше на терен, а  единицата за антитероризам ги евакиура сите присутни во училишните згради, и врши проверка на сите простории со апаратчиња за детектирање бомби и со кучиња. Се затвораат улиците околу училиштата, а тоа трае по најмалку три часа.  

Се јавува чувство на страв и стрес, кај децата и кај наставниот кадар

Социологот проф. д-р Татјана Стојаноска – Иванова  вели дека секојдневните дојави за бомби во средните училишта во главниот град не оставаат никој рамнодушен. Се јавува чувство на страв и стрес, пред сè кај самите деца, но и кај наставниот кадар кој е одговорен за децата додека се во училиштата. Со цел да се надмине оваа дестабилизација што во моментов се случува, Стојаноска – Иванова вели дека е потребно институциите сериозно да ја сфатат задачата и оние кои се одговорни да бидат соодветно санкционирани, со цел да се врати довербата во системот.

– Тоа што исто така е важно е оној аспект на неизвесност при секое заминување во училиште, бидејќи не се случи еднаш. Сепак, се работи за малолетни деца, иако има и матуранти, тие се група на индивидуи кои сè уште не се морално и вредносно изградени и на самото тоа се надоврзува и другиот аспект, во контекст на довербата и односот кон институциите на системот, вели д-р Стојаноска – Иванова.

Кај самите деца се јавува чувство на страв и стрес и секој е загрижен за својот живот. Како што посочува, кога имате негативна емоција и целокупното расположение кај таа индивидуа е поинакво, начинот на пренесување на основните знаења и процесот на воспитување кај дел од учениците не е ист како претходно.

– Во однос на наставниот кадар, кај нив исто така е заложбата да се пренесе знаењето, моралните норми и вредности, но и како да се изведе евакуацијата кога ќе има дојава без да се предизвика паника и конфузија. Имате момент каде што и кај самите наставници се јавува емоција на страв и стрес, вели проф. д-р Стојаноска – Иванова.

Приведен, па пуштен осомничен за заканите со бомбите

Вчера пак, стигна информација преку платформата именувана како ,,Конзерватив.мк”, од каде синоќа на својот фејсбук-профил објавија дека нивниот член и активист Никола Николовски е приведен за наводна поврзаност со заканите за поставени бомби кои ги добија повеќе средни училишта во главниот град, но дека тој е неправедно уапсен.

Полицијата по распитот го ослободи приведениот Н.Н. за заканите со бомбите во средните скопски училишта.

Дојава за бомба во гимназијата „Орце Николов“ Фото: Б. Грданоски

„По извршениот службен разговор, во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во домот на Н.Н., кој вчера беше приведен поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во средните училишта во Скопје“, соопшти МВР.

Од неговиот дом одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот, додаваат од полицијата.

Платформа именувана како ,,Конзерватив.мк” синоќа на својот фејсбук-профил објави дека нивниот член и активист Никола Николовски е приведеното лице за наводна поврзаност со заканите за поставени бомби кои ги добија повеќе средни училишта во главниот град, но дека тој е неправедно уапсен.

Во описот за работата на платформата ,,Конзерватив.мк”, објавена на нивната веб-страница, се наведува оти станува збор за движење чии примарни заложби се демократија, слободен пазар, здрава животна средина, како и конзерватизмот како идеологија и класичниот либерализам како десно или центар-десни ориентации.

На Фејсбук-профилот на платформата ,,Кознерватив.мк”, меѓу другото, може да се забележат објави од пред неколку месеци во кои ја повикуваат Владата да го отфрли францускиот предлог и се дава поддршка на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ на 5 јули.(Б.Б.)