Средните училишта во Полошкиот регион ќе почнат со онлајн настава


Фото: Б. Грданоски

Средните училишта во Полошкиот регион, во Тетово и во Гостивар од 1 септември, наставата ќе ја започнат онлајн, а тоа е препорака за првите две недели, додека  понатаму, согласно епидемиолошката состојба ќе следуваат соодветни мерки.

Ова го соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче од Тетово, на прес-конференција со градоначалничката Теута Арифи.

– Ваквата одлука се должи на состојбата во болниците кои се преоптоварени со ковид-пациенти – вели Филипче.

Утрвово, Главниот кризен штаб заклучил дека бројката на ученици во средните училишта во Тетово и Гостивар може да биде дополнителен ризик фактор.

Одлуката не се однесува на основните училишта. 

Филипче нагласува дека ланската година немало трансмисија меѓу учениците кои со физичко присуство посетуваа настава во училница, односно 40 отсто од вкупниот број ученици, но дека мора да се внимателни.

– Ваквата одлука во Комисијата ја донесовме поради ситуацијата со болниците, и не сакаме да се случи дополнителен притисок. Добро е што постепено се намалуваат бројките на новозаразени, и добро е што се отвораат дополнителни пунктови за вакцинација. До неодамна процентот на вакцинираност во Тетово беше 23 отсто, а сега е 35 отсто – рече Филипче.

– Ние како Локален кризен штаб се обративме до Министерството за здравство и до Комисијата за заштита од заразни болести и имавме неколку барања, меѓу кои и барањето за почеток на учебната година онлајн во следните три недели за да можеме да го поминеме овој тежок период што го имаме – вели Арифи.

Одлуката треба да ја донесе Владата.

За предлогот на Општина Тетово да се бараат задолжителни негативни тестови од невакцинираните просветни работници, Филипче рече дека тоа се предлози за кои ќе се разговара на Главниот координативен кризен штаб на Владата, а Владата на седницата носи одлука.

-Точно е дека во повеќе европски земји луѓето носат мерки со цел да се зголеми  опфатот со вакцинација и ние ги гледаме тие пораки и тие предлози. Сега се вакцинирани близу 70 проценти од вработените во училиштата. И верувам дека тоа и почитувањето на мерките, ова важи за територијата на целата држава за сите училишта, дека навистина ќе придонесе да имаме една од епидемиолошки аспект мирна учебна година. Еве сега, дополнителен придонес е вакцинацијата не само таму туку и на општото население, така што за сите предлози ќе се дискутира и на Штабот и на Владата – рече Филипче.

 За наставата на универзитетите во полошкиот регион министерот рече дека ќе се разговара со нив со оглед на посебните карактеристики кои ги имаат овие образовни установи.(Б.Б.)