Среде војната во Украина Бугарија доби нов министер за одбрана

Досегашниот министер за одбрана и кадар на претседателот Раде, Стефан Јанев, мораше да замине откако одби да ја нарече руската инвазијата на Украина „војна“


Досегашниот амбасадор во НАТО, Драгомир Заков, е новиот министер за одбрана

 

Досегашниот постојан претставник на Бугарија во НАТО, Драгомир Заков, е нов министер за одбрана. Тој ја презема функцијата од Стефан Јанев, од кого премиерот Кирил Петков побара оставка во понеделникот. Првичниот кандидат за функцијата на Јанев беше Тодор Тагарев, но неколку минути пред вонредната седница на парламентот, неговата номинација беше повлечена и заменета со кандидатурата на Заков.

Првото гласање во кабинетот на Петков беше усвоено со мнозинство во парламентот со 184 гласа „за“ (ПП, ГЕРБ, БСП, ИТН и ДБ) и 33 воздржани (ДПС). Немаше гласови против.

Министерското место за одбрана од квотата на „Продолжуваме со промената“, но според „Медиапул“ рокадата во 5 минути до 12 стигна поради незадоволството на социјалистите од БСП. Од партијата велеа дека доколку не се повлече кандидатурата на Тагарев, тие ќе ја напуштат коалицијата. Засега социјалистите одбија официјално да ја коментираат промената. Сепак, Кристијан Вигенин од БСП од говорницата рече дека ги поздравува напорите на премиерот да најде кандидат за обединување на владејачката коалиција, но не прецизираше кој бил против Тагарев.

Петков пред заседанието ја оправда промената во последен момент со тоа што Заков доцна синоќа се согласил да ја преземе функцијата и „во моментов во Бугарија нема поподготвен човек од него“.

„Мило ми е што се согласи, имаше прашања дали ќе успее со семејството. Има деца кои одат на училиште“, рече Петков.

За време на дебатите, најголемата опозициска партија, ГЕРБ, рече дека рокадата се случила бидејќи „очигледно“ Заков бил прифатлив кандидат за претседател Румен Радев и БСП, а Тагарев не бил. Сепак, поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева истакна дека нема сомнеж во геополитичката ориентација на новиот кандидат.

„До кога претседателот Радев ќе ги именува министрите во вашата влада?“, го праша таа премиерот.

„Со такви пријатели не ми требаат непријатели“, рече Кирил Петков како одговор на критиките од пратениците.

Оставка од Стефан Јанев побара премиерот Кирил Петков поради неговите коментари за војната во Украина. Јанев ја употреби реториката на рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи ја инвазијата воена операција. Откако премиерот најави дека Јанев ќе биде сменет, БСП неколку часа молчеше. Позициите на социјалистите за војната во Украина во голема мера се преклопуваат со оние на Јанев. Меѓутоа, во понеделникот вечерта, лидерката на БСП, Корнелија Нинова, објави дека одлуката за смена на Јанев е во рацете на „Продолжуваме со промената“ бидејќи тоа е надвор од нивната квота. Ова даде знак дека социјалистите можеби нема да се мешаат во рокадата. После тоа, сепак, токму БСП го спречи изборот на Тагарев.