Среде пандемија од корона вирус стариот дел од Тетово без вода поради дефект


Стариот дел од Тетово, населбите Поток, Два бреста и Колтук втор ден се соочуваат со прекин во водоснабдувањето, кое е отежнато и во целиот град поради поголем дефект во водоводната мрежа на улицата Гоце Делчев. Според информациите од Јавното комунално претпријатие „Тетово“ дефектот е познат, но е потребно повеќе време за санација.

-Започнато е со работа во четвртокот, но мора да се продолжи и денес се до завршување на дефектот и негова поправка. Станува збор за цевка која нема поголем капацитет, но е проблематично што е од постарите и на длабочина од 2,5 метри. Поради дотраеноста при санирање на една пукнатина се јавува нова и затоа се оддолжува комплетното санирање на дефектот, информира Љуљзим Шаќири од работната единица „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово.

Во септември и октомври жителите на стариот дел од Тетово, особено населбата Колтук, се соочуваа со целодневни прекини во водоснабдувањето, за што беше утврдено дека има проблем со вентил на излез од стариот резервоар за вода. Од ЈКП информираат дека на почетокот на ноември беа променети проблематичните делови од вентилот.