Средби на Заев со амбасадорите на Германија и Бугарија


Разговори на дистанца: Зоран Заев и Анке Холштајн

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, изјави дека новата влада е целосно проевропски ориентирана и дека ќе продолжи да испорачува европски вредности од Западен Балкан. Тој, исто така, упатил благодареност кон Ангела Меркел и државата Германија за посветеноста на претседателството со ЕУ кон проширување кон регионот, стои во соопштението од неговиот кабинет.

„Ова е целосно евроатлански определена влада и ќе продолжиме да работиме во таа насока. Нашата цел е, како што покажавме изминатите три години, што значи да се носат лидерски одлуки за решавање отворени прашања, така во следниот период да покажеме и одговорно работење и функционална правда со тоа што законите ќе важат подеднакво за сите. А ќе продолжиме како држава да испорачуваме и европски вредности и да придонесуваме во перцепциите за Западен Балкан, како регион којшто припаѓа на Европа. Постои цврста определба помеѓу сите коалициски партнери во Владата за определбите кон овие вредности и затоа очекувам полн 4-годишен мандат, што ќе овозможи предвидливост на економијата и за граѓаните“, ѝ рекол Заев на Холштајн

Заев се сретна и со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, при што било разговарано за имплементацијата на Договорот за добрососедство. Заев и Ангелов се согласиле дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се поставени одлични темели за понатамошна соработка меѓу двете земји.