Средба Заев – Мицкоски на неутрална територија

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ – опозиционерот Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев, сепак, ќе седнат на заедничка маса следната недела, во обид да постигнат финален договор за новиот закон за јавно обвинителство, во кој најжешка точка е судбината на СЈО. Иако Мицкоски претходно ги избегнуваше поканите за средба со Заев, условувајќи го своето присуство со дебата за вонредни избори, сега се согласил во вторник да дојде во Собранието и да се види со политичкиот противник.

Од последната средба на Заев и Мицкоски – барем на отворена сцена, помина половина година. Последното нивно видување за кое беше известена јавноста беше на почетокот на пролетта, односно на стартот на претседателските избори. Потоа следеше мошне турбулентен период на политички план, кој дополнително ги засили антагонизмите меѓу двете најголеми партии, посебно во однос на случувањата поврзани со СЈО.

Но и покрај  константните искричења меѓу власта и опозицијата и речиси секојдневните барања на ВМРО-ДПМНЕ за распишување предвремени избори, според наши информации, Заев и Мицкоски оствариле комуникација пред околу една седмица. Не се знаат детали од нивните разговори, ниту дали тоа е причината за разврската околу предметите и статусот на СЈО што се одигрува овие денови, така што лидерската средба треба да значи епилог на целата долгометражна драма со законот за јавното обвинителство.

По вчерашната изјава на премиерот дека е подготвен да закаже лидерска средба за законот за јавно обвинителство, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека состанокот би можел да се реализира веќе во вторник, односно веднаш по Денот на независноста. Всушност, 10 септември е датумот што беше определен за гласање на регулативата со која се решава и статусот на СЈО, а која се смета и за критериум пред октомвриската одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Следната недела – 15 септември, пак, е денот кога треба да стапи во сила законот за обвинителството и да стартува делумно новото обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, во чиј состав треба да влезат тимовите на Вилма Русковска и на Катица Јанева. Мандатот на специјалната јавна обвинителка, исто така, истекува на 15 септември, доколку дотогаш не биде разрешена или евентуално ако поднесе оставка.

Проценките се дека со вчерашната одлука редовното јавно обвинителство да ги преземе предметите од „бомбите“ од СЈО, всушност, е отстранет главниот камен на сопнување во разговорите меѓу власта и опозицијата за решавање на статусот на СЈО. Ова обвинителство, според предложените законски решенија, практично, нема веќе да постои како „специјално“ и самостојно и нема да се занимава исклучиво со случаите од прислушувањето, туку ќе гони корупција од висок профил и тоа во рамки на редовното обвинителство. Тоа, можеби, е една од причините поради кои Мицкоски, по неколку одбивања, сепак, решил да прифати средба со Заев.

„Со оглед на тоа што во државата се спроведува рекет од страна на СЈО, а редовното обвинителство не е на нивото на задачата и не ги процесуира соодветно најургентните случаи, сметаме дека има потреба од нов закон за јавно обвинителство што ќе биде во интерес на сите граѓани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во врска со информацијата за лидерската средба.

Како што се посочува, на потребата од средба меѓу двајцата лидери укажале членовите на работните групи од власта и од опозицијата кои го усогласуваат новиот закон за јавно обвинителство. Поради тоа, соговорници од ВМРО-ДПМНЕ велат дека состанокот најверојатно ќе биде во Собранието, а не во Клубот на пратеници, иако и двајцата лидери не се дел од парламентот. Во текот на вчерашниот ден не беше утврдено сѐ уште дали тоа би било тет-а-тет средба Заев – Мицкоски или на неа би учествувале и лидерите на другите парламентарни партии или членовите на работните групи. Иако главна тема е законот за јавното обвинителство, извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не е исклучено да се отворат и други теми.

Мицкоски вчера попладне, во разговор за ТВ Алфа, изјави дека тема на престојната лидерска средба нема да биде само законот за јавно обвинителство, туку и закажување предвремени парламентарни избори.

Кон средината на јули, Заев ја откажа лидерската средба на која требаше да се разговара за статусот на СЈО, но и за пописот следната година, како и за реформата на изборното законодавство. Причина за тоа беше одлуката на Мицкоски да не присуствува на состанокот во Клубот на пратеници, на кој беа поканети и лидерите на ДУИ и на Беса Али Ахмети и Билал Касами. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш инсистираа примарна тема да биде закажување предвремени избори, наспроти плановите на Заев да оди на избори во редовниот термин, односно кон крајот на следната година. За разлика од тогаш, сега од ВМРО-ДПМНЕ велат дека може и треба да се отвори дебата за вонредни избори, ама дека централна тема на престојната лидерска средба е законот за јавно обвинителство.  (А.М.М.)