Ќе требаат уште средби меѓу Заев и Ахмети за нова влада


Фото: Б. Грданоски

Двајцата досегашни коалициски лидери, Зоран Заев и Али Ахмети, денеска излегоа повеќе воздржани отколку отворени оптимисти дека се блиску до договор за формирање на новата влада. По нивната нова средба во Собранието јасно е дека има уште работи кои двајцата лидери треба да ги затворат, меѓу нив веројатно најважната за изборниот адур на ДУИ за премиер Албанец.

Минатите средби меѓу нив двајца беа речиси таинствени, но по денешната и Заев и Ахмети решија да дадат изјави за новинарите и да соопштат дека ќе треба уште неколку средби за да може да се конципира изгледот на новата коалициска влада. Ако се знае дека претседателот Стево Пендаровски најави дека по истекот на десетте дена од верофикувањето на мандатите на новите пратеници ќе го додели мандатот за составување на владата (а тоа е за време на викендот) тоа значи дека Заев и Ахмети би требало најголем дел од работите да ги завршат наредните денови. Доколку се согласат за нова коалиција брзо би можело и да се избере претседателот на новото Собрание.

По средбата Заев зборуваше дека има уште многу додека се постигне договор и повтори дека повикот на Ахмети за заедничка средба на албанските партии на годишнината од Рамковниот договор го чувствува како притисок врз него лично и врз коалицијата „Можеме“. Тој уште рече дека дали на ваквиот повик на Ахмети треба да има собир и на претставниците на другите помали етнички заедници, па дури и на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Преговорите ќе продолжат наредните денови, но добро е што е стокмен наративот на коалицискиот договор. Верувам дека нема многу време да губиме во распределбата на ресорите, приближно знаеме кој каде е подготвен да земе одговорност, но сето тоа ќе значи и компарација со кадрите за кои ќе се разговара, но дефинитивно имаме уште многу да работиме во следниве денови“, рече Заев пред новинарите.

Али Ахмети беше повоздржан во изјавите, па дури на одреден начин и пооптимистечен од Заев. „Државен интерес е да се продолжи партерството кое затвори многу значајни теми – членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Очекуваме позитивен епилог од овие разговори. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока“, рече Ахмети.

Ахмети не сакаше да каже дали во оваа фаза на разговорите е главна пречка е барањето на ДУИ за премиер Албанец. „Не сакам прв да го кажам последниот збор. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока и подготвени сме ова да го направиме за државата затоа што придобивка ќе имаат стабилноста и државата, како и доближувањето на заедниците. Се надевам дека сите партии ќе имаат силна волја за да ги надминеме разликите и потешкотиите“, рече Ахмети.

Откако Ахмети денеска упати покана за заедничка средба со лидерите на партиите од албанскиот политички блок в четврток по повод годишнината на Охридскиот рамковен договор, Заев во изјава за ТВ 24 тоа го оцени како притисок врз него, СДСМ и коалицијата „Можеме“, но наведе дека е прерано да даде каков било одговор на тоа дали таа средба може да влијае врз формирањето на новото парламентарно мнозинство .Пред почетокот на средбата, Ахмети рече дека нема притисок врз Заев од нивна страна .На прашањето на ТВ 24 дали ќе формираат владино мнозинство, Ахмети кусо одговори: „Ќе формираме“.

СДСМ претходно, како и во изминатите денови, и денеска преку соопштение информираше дека ги продолжуваат, како што наведоа, сериозните разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и за владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат. (Н.В.)