Средба во Влада утре во врска со поранешно „Фени“ најави кавадаречкиот градоначалник Јанчев
Средба во Влада утре со премиерот Христијан Мицкоски и новиот сопственик на поранешно „Фени“, најави попладнево кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, во рамките на 49. седница на Совет на Општината. Темата на разговор била почеток на работа на печката за топење никел во комбинатот во Кавадарци. Брод со руда бил тргнат, за да се стартира производството.
Новиот сопственик ќе ја посетел и фабриката. Јанчев најави и исплата на заостанатите плати за вработените во рамките на стечајот, што беше отворен врз капацитетот, пред неговата продажба. Ќе се разговарало и околу можноста за обесштетување на транспортерите на руда, кои побаруваат пари за транспортот од пред стечајната постапка.
Јанчев рече дека новиот инвеститор досега вложил околу 45 милиони евра во комбинатот за фероникел.
Градоначалникот додаде дека треба да се размислува да се бара одговорност околу тоа, зошто немало финансиска контрола и барање одговорност во некогашниот гигант во изминатиот период, а имало сомнеж за скриена добивка. Тој јавно ги повика институциите да го испитаат случајот, да се направи контрола како дошло до стечајот и да се види кој го земал „кајмакот“.
– Замислете, до самиот стечај на „Фени“, до денот на отворање на стечај, да си миниш плата по девет илјади евра. Притоа, немајќи производство девет месеци, рече Јанчев, осврнувајќи се на менаџерски договори.
Јанчев се осврна и на тоа какви договори своевремено потпишале транспортерите за транспорт на руда и ја појасни неповолноста во тие договори, додавајќи дека некој профитирал од таквите договори.
Пред стечајот, во поранешно „Фени“ работеле околу 800 лица.