Средба Спасовски – Палмер: Реформите најавуваат позитивна одлука на ЕУ


Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, на маргините на Самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој во Лондон, се сретна со специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, соопшти владината прес-служба.

На средбата уште еднаш беше потврдено пријателството и стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија, а како посебно беше издвоено лидерството на земјата во регионалната соработка.

Во таа насока, премиерот Спасовски истакна дека Северна Македонија останува посветена на исполнување на обврските од договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и на договорот од Преспа со Грција, кои добија признание дека се остварени во духот на европските вредности, и дека се светол пример за решавање на билатерални спорови во регионот.

Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер на средбата ја повтори определбата на неговата земја за поддршката на реформите и нивното спроведување во Северна Македонија.

Палмер истакна дека од резултатите од реформите и од нивното спроведување се очекува позитивна и скорешна одлука на ЕУ за почеток на преговорите како логичен чекор и заради исполнувањето на сите критериуми и стандарди за членството во НАТО.