Средба Пендаровски – Милановиќ: Хрватска е еден од најголемите поддржувачи на евроинтеграцијата на С Македонија
Реафирмација на поддршката од Хрватска за евроинтеграцијата на Северна Македонија, со уверување за исчекор и отворање преговорите за членство во тек на претстојното словенечко претседавање, изразија по денешната средба во Загреб претседателите Стево Пендаровски и Зоран Милановиќ.
По тет-а-тет средбата во претседателската палата во рамки на официјалната посета на Пендаровски на Загреб, шефовите на двете држави порачаа да се искористат можностите за натамошно унапредување на можностите за соработка во сите области.
– Хрватска е еден од најголемите поддржувачи на евроинтеграцијата на Република Северна Македонија. Хрватската поддршка е резултат на неизната верба во столбовите на ЕУ и нејзините базични принципи кои за жал во последно време некој ги доведува во прашање. Благодарни сме на Република Хравтска за искрената поддршка, како и за одговорноста за мирен и просперитетне Балкан. Овде во Загреб би сакал уште еднаш да истакнам дела за нас не постои друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ и за таа цел продолжуваме да работиме со несмален интензитет. Се разбира за да стигнеме таму нема да бидат доволни само нашата волја и нашите напори, рече Пендаровски на заедничката пресконференција со Милановиќ.
Во современиот свет кој не е имун на геополитички конфликти, економски и здравствени кризи, наведе Пендаровски, секоја земја се обидува да им обезбеди на своите граѓани сигурност, безбеднст и просперитет. Без соработка помеѓу државите, потенцираше тој, тоа би било невозможно. Да го искористиме капиталот кој го имаме во билатералните односи, да ги развиваме економската и трговската соработка и соработката во другите области од заеднички интерес како туризам, инфраструктура, рече Пендаровски, кој во Загреб е придружуван од претставници на нашата бизнис заедница.
Хрватскиот претседател Милановиќ, пак, ја потенцираше поддршката од Хрватска на евроинтеграциите на Северна Македонија нагласувајќи, меѓу останотото дека нема отворени прашања помеѓу двете држави.
– Нема да биде едноставно ќе биде потребно многу труд, ќе треба пријателска помош, многу дискусија, уверување… Хрватска знае колку упорност и здодевна, макотрпна работа е потребна да се постигнат тие цели, истото ја чека и Северна Македонија на тој пат, ќе дадеме се од себе да нема лутања, рече Милановиќ.
Пендаровски и Милановиќ разговарале и за положбата на македонската заедница во Хрватска и на хрватската во нашата држава. Оцениле дека правата на малцинствата во двете држави се на прилично високо ниво и оти има целосна подготвеност на двете страни за нивно дополнитено унапредување.
Се осврнаа и на можностите за сезонска работа на наши државјани во Хрватска. Милановиќ потсети дека сезонските работници можат да работат до 90 дена без никаква дозвила, посочувајќи дека хрватските претпримачи имаат потреба од работна сила кои ќе придонесуваат во системот и најавувајќи дека Хрватска може и системски да обезбеди вакцини.
Како што рече Пендаровски, тука во Хрватска имаме голема сезонска дијаспора и нема никакви рестрикции за нивен влез на хрватска територија по попуштањето на мерките, надлежните министесртва имаат комуникација, нема никакви проблеми. Тие беа меѓу првите луѓе кои веќе добија вакцини за да можат да се вратат на работа во Хрватска, посочи Пендаровски.
На средбата е оценето и дека крупен влог во извонредните културни врски меѓу двете држави е отворањето на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Загреб, што ќе отвори нови простори за културна размена.
Пендаровски со средбата со Милановиќ ја почна официјалната посета на Хрватска, а претходно беше пречекан со државни и воени почести пред претседателската палата.
Активностите на Пендаровски денеска во Загреб продолжија со средби со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ.