Средба Османи – Стоев во Анталија


Реафирмирањето на заемните заложби за одржување континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот, се дел од темите на кои е разговарано на денесшната средба на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Светлан Стоев, на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи, учесници во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во Анталија, Турција.

Од МНР информираат дека на средбата со особено внимание биле разгледани перспективите за постигнување на исчекор во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија.

На средбата беше истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји.

Соговорниците заклучија дека проширувањето и продлабочувањето на билатералните односи меѓу двете земји е од заеднички интерес.

– Ние сме целосно посветени и подготвени за унапредување на билатералните односи со Бугарија, за зголемување на соработката и надминување на сите предизвици. Бугарија го поддржуваше напредокот во интеграцијата на Северна Македонија во НАТО како и приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската унија. Членството на Северна Македонија во ЕУ е стратешки интерес на Република Северна Македонија и Република Бугарија и убедени сме дека двете држави и двете општества ќе изнајдат сили за да ги надминат предизвиците и недоразбирањата, врз основа на европските вредности и поттикнати од силната верба во заедничката иднина, како дел од семејството на европските демократски народи, потенцираше министерот Османи.

Од МНР информираат дека Османи, денеска, веднаш по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на ПСЈИЕ, заминува директно за Софија на средби со бугарскиот државен врв, како дел од владината делегација на Република Северна Македонија.