Средба Николоски – Томас во Лондон: Во фокусот економската и стратешка соработка помеѓу двете држави


Македонија и Обединетото Кралство имаат силни економски односи, трговската соработка е на високо ниво, а можноста за зацврстување на таквата соработка ја гледаме преку нови инвестиции и пренесување на нови искуства и знаења, истакнал потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на средбата со Герет Томас, министер за економија и извоз во Владата на Обединетото Кралство, соопшти Министерството за транспорт.

 
-Обединетото Кралство е стратешки партнер и силен подржувач на Република Македонија во регионалниот развој. Оттука, како што потенцирал вицепремиерот Николоски, инвестициите од Обединетото Кралство имаат значаен удел во развој на македонската економија.
 
Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбата на која биле презентирани условите за инвестирање, се разговарало за новите текови во економските односи меѓу двете земји со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурата. Притоа потенцирано било дека Македонија се наоѓа во еден силен инвестициски циклус, особено во патната и железничката инфраструктура, како значаен сегмент во регионалниот развој.  

 
Вицепремиерот Николоски ги истакнал економските реформи и развојот на земјата, притоа ја нагласил можноста за воспоставување на нови стратешки партнерства меѓу Македонија и Обединетото Кралство во развој и реализација на регионални инфраструктурни проекти.
 
На средбата биле потврдени и добрите политички односи меѓу двете земји.
  
Делегацијата предводена од вицепремиерот Николоски денеска ја продолжува работната посета на Обединетото Кралство, каде ќе се остварат низа средби со бизнис заедницата во Лондон, а во текот на утрешниот ден ќе се одржи средба и со Стефан Доти, министер задолжен за Европа, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан.
 
Посетата на Обединетото Кралство, како што се наведува во соопштението, е во рамките на владините политики за зацврстување на стратешките односи меѓу двете земји и можноста за зголемување на економската и трговска соработка.
 
Во структурата на надворешната трговска размена, Обединетото Кралство е рангирано на второ место на листата земји со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена.