Средба НБ−ОПМ: Преку соработка со граѓанскиот сектор до повисока свест за ризиците од климатските промени


Тим на Народната банка, предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, оствари средба со претседателката на Организацијата за потрошувачи (ОПМ), Маријана Лончар-Велкова и со претставници на ОПМ, соопшти НБ.

На состанокот, како што се наведува во денешното соопштение на НБ, биле презентирани активностите што ги преземаат за поддршка на зеленото финансирање, како суштински сегмент од зелената транзиција, додека, од страна на ОПМ била истакната заложбата за јакнење на свеста на потрошувачите. 

– На средбата беше посочено дека зголемената свесност за климатските промени и придонес за зелена одржлива економија е една од стратегиските цели на Народната банка, којашто од март 2021 година е и членка на Мрежата за зелен финансиски систем (НГФС), меѓународна мрежа од 150 централни банки и финансиски супервизори, како и на Групата на Виенската иницијатива за климатски промени, се наведува во соопштението.

Во рамки на покрупните активности на ова поле спроведени досега од страна на централната банка биле посочени спроведувањето на анкетата кај банките и штедилниците за климатските промени и објавувањето на податоците за зелените кредити, како основа за донесувањето на Среднорочниот план на активности за управување со ризиците поврзани со климатските промени 2023 − 2025.

Народната банка, се додава во соопштението, веќе започнала со спроведување на активностите предвидени во овој план преку усвојувањето на насоките за управување со ризиците поврзани со климатските промени и објавување на првата анализа за изложеноста на домашниот банкарски систем на ризиците поврзани со климатските промени.

Во рамки на Среднорочниот план, покрај донесувањето на насоките за банките за управување со ризиците поврзани со климатските промени, се предвидува и унапредување на супервизорските практики и методологии со вклучување на ризиците поврзани со климатските промени, стрес-тестирање што се однесува на климатските промени, изработка на анализа на влијанието на климатските промени врз активностите на Народната банка и продлабочување на анализите на банкарскиот систем поврзани со овие ризици, како и развивање Политика на одржливост и преземање активности за градење на капацитетот на Народната банка.

ОПМ, се додава во соопштението, искажале поддршка за заложбите на централната банка и нејзиниот придонес за зелена одржлива економија, а и двете страни изразиле интерес за натамошна соработка и на ова поле.