Средба на Заев со Јацек Олчак, извршен директор на „Филип Морис Интернешанал“: Бизнис климата овозможува фер услови за сите компании

Северна Македонија е земја со одлична деловна клима каде компаниите имаат можност за долгорочно планирање и развој на инвестициите, е заклучокот од состанокот на премиерот Зоран Заев со главниот извршен директор на „Филип Морис Интернешанал“, Јацек Олчак.

Ова е прва посета на Олчак во Северна Македонија, каде оваа мултинационална компанија има партнерски однос со „Тутунски Комбинат“ – Прилеп во заедничка компанија.

На средбата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министрите за финансии, Фатмир Бесими, за земјоделство Арјанит Хоџа и за здравство Венко Филипче, како и раководството на „Тутунски Комбинат“ – Прилеп.

Од Влада соопштија дека на средбата, Заев истакнал дека оваа прва официјална посета на генералниот извршен директор на „Филип Морис Интернешанал“ е само потврда дека глобалните компании ја препознаваат Северна Македонија како сигурен партнер за своите инвестиции.

– Бизнис климата во земјава овозможува фер услови за сите компании што сакаат да вложуваат и вработуваат млади луѓе. Токму инвестицијата на „Филип Морис“ и стратешкото партнерство со „Тутунски Комбинат“ – Прилеп, покажува како посветените компании имаат резултати кога во земјата има услови за развој, нагласи претседателот на Владата.

Главниот извршен директор на „Филип Морис Интернешанал“, Јацек Олчак истакна дека „Филип Морис Интернешанал“ е задоволен од тоа како се одвива соработката со Владата и раководството на „Тутунски Комбинат“ – Прилеп.

На средбата се разговарало за процесот на трансформација на „Филип Морис Интернешанал“ во глобални рамки каде во 2016 година, компанијата изјави дека се преориентира кон производство на помалку штетни алтернативи.

Олчак истакнал дека „Тутунскиот Комбинат“ – Прилеп и Северна Македонија може да имаат улога во тој процес на трансформација и притоа додал дека компанијата има храбра визија за свет без тутунски чад и дека со проактивност можни се големи промени и можен е развој.

Олчак додал дека последната иницијатива за отварање на Центарот за грижа за корисници во земјава покажува ширење на дејностите на самата компанија каде се потребни млади и едуцирани кадри.

Центарот започна со работа во Скопје и оттука ќе се води грижа за корисниците на новите иновативни производи на компанијата во Северна Македонија, но и на 4 други земји во регионот, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Во изминатите години „Филип Морис Интернешанал“ заедно со „Тутунски Комбинат“ – Прилеп успеаја да креираат ефикасна и профитабилна заедничка компанија којашто постави нови стандарди и во Северна Македонија.

Од страната на Филип Морис, покрај главниот извршен директор беа присутни и Марко Мариоти, претседател за Источна Европа во рамки на Филип Морис, Александар Јаковљевиќ, генерален директор на ЈИЕ, Иван Костиќ, генерален директор на „Филип Морис Тутунски Комбинат“ – Прилеп (ФМТКП) ДОО Скопје, како и други високи претставници на компанијата.