Средба на Заев и Ципрас
Премиерот Зоран Заев денеска го прими претседателот на партијата Сириза, пратеник и поранешен премиер на Грција Алексис Ципрас. Заев и Ципрас се согласија дека три години од потпишувањето на Договорот од Преспа на 17 јуни 2018 година, секојдневно доаѓаат придобивките од решавањето на тридеценискиот спор со кој се воспостави стратешко пријателство меѓу Северна Македонија и Грција, соопшти владината прес-служба.
Пораките кои глобално се испраќаат од „Преспа форумот за дијалог“ потврдуваат колкаво постигнување е Договорот од Преспа, кој денеска и утре во Охрид и Преспа го уважуваат и почитуваат стотици високи гости од регионот, Европа и светот за да ги афирмираат вредностите што произлегуваат од духот на Договорот, заклучија соговорниците.
Суштината што во себе ја носи Договорот од Преспа со својата сила и значење ја обврзува ЕУ да ги тргне пречките за евроинтеграцијата на Северна Македонија и Западен Балкан.
На средбата беше констатирано дека спроведувањето на одредбите од договорот оди со добра динамика и дека спогодбата која обезбеди вин-вин решение за двете земји овозможува отворена и постојана комуникација меѓу Скопје и Атина без разлика кој е на власт во Северна Македонија и во Грција и во интерес на просперитетот и граѓаните на двете земји. На средбата присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.