Костадиновска Стојчевска – Чеку : Македонија и Косово имаат отворени можности за соработка
Република Северна Македонија и Република Косово се две пријателски земји со отворени можности за соработка во културата, кои во периодот што следува треба поинтензивно да се искористат, се согласија на денешната работна средба министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и косовскиот министер за култура, млади и спорт Хајрула Чеку.
Соговорниците позитивно ја оценија досегашната културна соработка која во изминатите години се одвива во сите дејности од културата, во музичката дејност со размена на музички групи, фолклорни ансамбли, во ликовната со размена на изложби и во драмската дејност со презентација на театарски остварувања.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска нагласи дека годинава, во рамките на Годишниот конкурс, поддржана е реализација на неколку проекти, меѓу кои и колективна изложба во Приштина во организација на НУ Уметничка галерија – Тетово, како и учество со претставата „Пролетите“ на Тетовски театар кој ќе настапи на Театарскиот фестивал во Урошевац.
Костадиновска-Стојчевска и Чеку разговараа и за иницијативата за потпишување на Протокол/Календар за соработка меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура, млади и спорт на Република Косово.