Средба на министерот Исмаили со новата амбасадорка на Црна Гора, Марија Петровиќ

Министерот за култура Хусни Исмаили денеска се сретна со новоименуваната амбасадорка на Црна Гора во Република Северна Македонија, Марија Петровиќ, на која ги потенцирале традиционално добрите културни врски меѓу двете земји.

Како што соопшти Министерството за култура, тие и изразиле увереност  дека новата Програмата за соработка потпишана за време на посетата на црногорскиот министер Богдановиќ на нашата земја во април годинава, ќе придонесе за нивно интензивирање преку размена на конкретни проекти и уметници меѓу двете земји, како и поголема комуникација меѓу институциите од областа на културата.

-Меѓу другото, стана збор и за неодамнешно присуство на министерот Исмаили на отворањето на 19. Меѓународен саем на книгата во Улцињ што беше искористено и како можност за започнување  соработка и присуство на нашата земја на саемите на книгата кои ќе се реализираат во Црна Гора во иднина. Исто така, беше потенцирана и соработката во рамките на Форумот за словенски култури, во Советот на министри од Југоисточна Европа (COMOCOSEE), како и реализацијата на заеднички проекти во рамките на УНЕСКО, информира Министерството за култура.

Црногорската амбасадорка Петровиќ информирала за поважните активности на Амбасадата во насока на интензивирање на соработката во областа на културата меѓу двете држави.

– Министерот Исмаили и посака и успешна дипломатска мисија на новата амбасадорка Петровиќ и изрази очекување дека за време на неговиот мандат пријателските односи и соработката во областа на културата меѓу двете земји ќе продолжат да се засилуваат и да се продлабочуваат со уште понагласена динамика, пишува во соопштението на Министерството за култура.