Средба на министерот Исмаили со директорот на Турскиот културен центар, Кула


Министерот за култура Хусни Исмаили денеска во својот кабинет оствари средба со директор на Турскиот културен центар – Институт „Јунус Емре“, Серхат Кула.

Како што соопшти Министерството за култура, на средбата министерот Исмаили и директорот Кула го изразија своето задоволство од досегашната соработка во делот на културата, а стана збор и за идните проекти со кои ќе се придонесе за развивање и продлабочување на пријателските односи и меѓукултурната соработка меѓу Северна Македонија и Турција.

Во тој контекст директорот Кула информираше за реализацијата на повеќе проекти, културни активности и курсеви, кои придонесоа за афирмација и презентација на Турција, турската култура, уметност, историја и традиција, како и за подоброто запознавање на турскиот и македонскиот јазик, културата и религијата на двете земји.

Двајцата соговорници го изразија своето задоволство и од текот на активностите за заокружување на процедурата за отворање на Македонскиот културен центар во Истанбул, како и за процедурата околу објектот Куршумли ан, каде што ќе биде сместен Турскиот културен центар.

На средбата министерот Исмаили подвлече дека токму отворањето на Културно-информативните центри во Скопје и во Истанбул, е уште една можност, локалните култури да добијат глобални размери.