Средба на македонски и грчки компании – И во период на криза, можности за инвестиции и соработка


Триесетина компании од Северна Македонија и Грција денеска во Скопје разговараат за можностите за инвестирање и за начините за продлабочување на соработката. Станува збор за прва трговска мисија што ја организираат Американската стопанска комора во Северна Македонија и Американско-грчката стопанска комора.

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, она што му е потребно на регионот, особено во услови на криза, е економски просперитет со силно развиени вредносни ланци интегрирани во Европската унија. И во период на криза, вели Битиќи, се гледаат можности.

– Ние, 2021 година ја завршивме со 520 милиони евра што е значително повеќе од 2020 година и приближно со 2019 година кога имавме отприлика 640 милиони евраТоа значи дека стопанствениците, што денес се овде, ги гледаат можностите. Владата е тука да го трасира патот, а не да ги носи на грб стопанствениците. А тие самите ќе си го најдат патот до успехот и до заемната соработка што треба да ја направат. Во овој момент важно е да се види кои се можностите и како заедно како регионални актери ќе можеме да ја пребродиме кризата што се случи заради конфликтот меѓу Украина и Русија, изјави Битиќи.

Вели дека кризата ќе има негативни последици врз домашната економија, но додава дека таа е стабилна и ќе расте што е јасен сигнал за инвеститорите кои сакаат да го остават својот капитал во државава.

Она што е значајно, според Битиќи, е и тоа што веќе се потпишани два од четирите договори за приклучување на земјава во проектот Александропулос со што ќе се направи диверзификација на енергенсите, односно земјава нема да биде енергетски зависна само од Русија при преносот на природен гас.

– Ние сме една од малкуте земји во светот каде 100 проценти директен извор на гас ни е Русија. За жал, во изминатите години, и покрај нашите напори за диверзификација на тој енергенс, некој сакаше да каже дека диверзификацијата не и е потребна на нашата земја. Нашето вклучување кон Александропулос за следните 15 години е одговорот кон едностраниот и само еден извор на енергенс за нашата земја. Не можете да имате економија која што ќе има можност за развој, ако има само еден извор на енергенс, рече Битиќи.

Според американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз, регионот има можности за соработка од кои бенефит ќе имаат граѓаните.

– Идејата за средба на Американската стопанска комора и Американско-грчката стопанска комора е нешто на коешто работам неколку години и сум задоволна што сум овде да зборуваме за извонредните можности што ги има овој регион, за тоа како овие три земји можат посилно да застанат заедно во овие денешни предизвици, да креираат бизнис можности за граѓаните на целиот регион, рече Брнз.

Претседателите на двете стопански комори порачаа дека ова е прва средба од ваков тип, но не и последна. Стабилноста и бизнисот одат рака под рака и тука сме за да го развиеме тоа, истакнаа тие.