Средба на Ковачевски со премиерката на Данска Мете Фредериксен


Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета на Рим, каде присуствува на конгресот на Партијата на европските социјалисти имаше средба со премиерката на Данска, Мете Фредриксен, која воедно е и претседателка на Социјалдемократската партија на Данска. На средбата беа и и Бојан Маричиќ, секретар за меѓународна соработка и прв вицепремиер и Бисера Костадиновска-Стојчевска, потпретседателка на СДСМ и министерка за култура.

Како што соопштува партијата, Ковачевски и Фредриксен ја потенцирале важноста на претстојниот период имајќи ги предвид изборните процеси кои се очекуваат годинава и во Македонија и во Европската унија, посочувајќи ја воедно и потребата и важноста на продолжувањето на социјалдемократските политики кои придонесуваат во економскиот и социјален развој на континентот.

Ковачевски на средбата истакнал дека Европската Унија е единствената алтернатива за Македонија, бидејќи тоа значи поголем економски раст, подобри услови за инвестирање, подобро платени работни места, повисоки плати, подобар животен стандард на граѓаните, социјална правда, развој на демократијата и функционално владеење на правото.

На средбата, Фредриксен потенцирала дека е исклучително важно Македонија да остане и понатаму посветена на реформските процеси кои ќе обезбедат подобрени демократски показатели во сите полиња, а кои воедно ќе обезбедат што побрзо приближување на земјата до европските стандарди. Фредриксен ја изразила својата поддршка за СДСМ на претстојните избори потенцирајќи дека социјалдемократски политики се оние кои прават суштинска разлика и придонесуваат кон подобрување на животот на граѓаните.