Средба на компании од Грција и Северна Македонија на 21 и 22 март во Скопје


Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам Северна Македонија) во соработка со Американско-грчката стопанска комора (АмЧам Грција) со поддршка на амбасадите на САД во Скопје и Атина организираат, како што велат, прва трговска мисија на компании од Грција во Северна Македонија.

Средбата ќе се одржи на 21 и 22 овој месец во хотелот „Хилтон“, а целта е да се претстават можностите за инвестирање во земјава и да се воспостави деловна соработка меѓу домашните компании со компании од соседна Грција.

Во текот на првиот ден, како што најавуваат од АмЧам Северна Македонија, ќе бидат претставени можностите за инвестирање што Владата ги нуди за странските и домашните инвеститори, а вториот ден ќе бидат организирани директни средби меѓу компании од двете држави кои работат во секторите: агротехнологија, логистика, производство, технологија и иновации, енергетика, туризам, градежништво и инфраструктура. Во рамки на настанот, ќе бидат посетени и две компании, странски инвестиции од Грција и од САД.

– Градењето одржливи партнерства и можности за соработка е во основата на функционирањето на АмЧам организациите ширум светот и иницијативите од овој вид се главен приоритет на АмЧам Северна Македонија во изградбата на подобар деловен екосистем за нашата земја, вели Драган Давитков, претседател на Бордот на директори на АмЧам Северна Македонија во пресрет на одржувањето на настанот.

Организирањето на ваков настан следува по билатералниот состанок на АмЧам Северна Македонија и АмЧам Грција, кој во септември минатата година беше одржан во Солун во рамки на Енергетскиот форум на Југоисточна Европа, кога беа поставени и рамките за засилена билатерална економска соработка што ќе вклучува иницијативи за зголемени трговски релации и унапредена деловна соработка меѓу Грција и Северна Македонија.