Средба Матарела – Пендаровски: Италија и Македонија имаат голема меѓусебна доверба
Интегрирањето на Македонија и целиот Западен Балкан во ЕУ е важно за регионалната безбедност и просперитетот. Затоа првата меѓувладина конференција меѓу Европската унија и Македонија е неопходно да се одржи што е можно поскоро. Ова го заклучија италијанскиот и македонскиот претседател, Серџо Матарела и Стево Пендаровски на нивната средба попладнево во Рим.
Според соопштението на кабинетот на претседателот, двајцата претседатели нагласиле дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба. Тие го истакнале и одличниот и континуиран политички дијалог којшто може да придонесе за зајакнување на трговската и економската соработка.
Околу почетокот на пристапните преговори на нашата држава за членство во Европската унија, Пендаровски го изразил задоволството од традиционалниот интерес и континуираната јасна и безрезервна поддршка на Италија во однос на нашите евроинтеграции.