Средба Божиновска – Габриел: Енергетската иднина поддржана од ЕИБ


Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска оствари средба со Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка (ЕИБ), на која дискутираа за тековните и идни проекти во енергетскиот сектор, со посебен акцент на интерконекторот за гас кој ќе поминува низ земјава. 

На средбата Божиновска ја истакнала важноста на овој проект за енергетската безбедност на земјата и изразила благодарност за поддршката од ЕИБ. Средбата, како што велат од Министерството, претставува продолжување на соработката меѓу Министерството за енергетика и ЕИБ. 

-Како долгорочен партнер на регионот, банката на ЕУ постојано обезбедува финансиска и техничка поддршка за изградба на клучна инфраструктура и подобрување на оперативните капацитети, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

На средбата, како што велат, станало збор и за инвестициите во обновливи извори на енергија, кои ќе придонесат за енергетската сигурност, истовремено намалувајќи ги емисиите на јаглерод диоксид.

Министерката Божиновска ја нагласила посветеноста на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во спроведувањето на реформите и проектите кои ќе обезбедат одржлива и сигурна енергетска иднина за државава.