Средба Битиќи – НУК: Прифатени три од петте барања на угостителите


Владата и претставниците на Независната угостителска комора, се чини постигнаа компромис околу барањата на угостителите и можностите што ги има државата да му помогне на овој сектор кој е еден од најпогодените во ковид кризата. На денешната средба во вицепремиерот Фатмир Битиќи, биле прифатени три од петте барања кои претходно ги имаше објавено НУК. Тоа по средбата го изјави претседателот на НУК, Здравко Јосифовски. Од Владата пак, соопштија дека предлогот на петтиот пакет, кој се уште не е финално дефиниран, содржи околу дваесет мерки, кои се таргетирани да ги поддржат најпогодените сектори и граѓани од здравствената и социо-економската криза, со фокус на задржување на ликвидноста на компаниите и спас на работните места, но и да ги стимулираат компаниите да продолжат да се развиваат и растат.

„Од нашите пет барања, три се речиси во целост прифатени, четвртото барање останува да се доработи, а за петтото немаше дискусија, рече Јосифовски.

Тоа практично значи, дека јануари најверојатно на некој начин е изгубен во однос на субвенцијата за плати, но државата прави напори како ќе ги надомести во наредниот период по основ на постојната субвенција за плати и по основ на развој на нова шема за давање бескаматни кредити со кои ќе се стимулираат угостителите и другите индустрии кои што се загрозени, појасни Јосифовски.

По основ на второто барање за неповратна директна помош, и понатаму останува опцијата која што ќе се доработи и истата се применува на друг начин, директната неповратна помош нема да биде како досегашната грантовска, туку ќе биде по принципот на одобрување бескаматни кредити кои што ќе можат понатаму, благодарејќи на успехот на фирмите и преку постигнување позитивни резултати, да добиваат грантови во висина до 30 отсто, додаде тој.

„Останува безусловната достапност на угостителската дејност пред се за државните гаранции или шемата што беше промовирана со четвртиот пакет, е во функција и се очекува законската регулатива. Од таа шема угостителите ќе може да користат по основ на гаранциии кредити од комерцијалните банки во висина до околу 90 милиони евра со останатите индустрии. Во однос на изедначување на ДДВ што беше ветено, ќе се направат напори во текот на годинава, доколку постојат услови да се спроведе, односно да се изедначи ДДВ за сите угостителски дејности, а ако не – наредната година да се исполни мерката која што беше предложена, рече Јосифовски.

Петтото барање – продолжување на работното време не беше тема на денешната средба. Јосифовски вели дека не се надева на такво нешто додека не почне вакинацијата кај нас.

Од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, пак, не беа толку конкретни. Соопштија дека на средбата било посочено дека Владата уште од самиот почеток, имајќи го предвид глобалното влијание на пандемијата, како и ограничувачките мерки за заштита и превенција од ширењето на коронавирусот Ковид 19, ги детектираше угостителскиот и туристичкиот сектор, како сектори кои имаат негативни последици. Токму заради тоа, додаде Битиќи, Владата досега креираше четири сета на мерки, во кои еден од главните фокуси беше ставен токму на поддршката на угостителскиот и туристичкиот сектор, но и на сите други сектори кои бележеа загуби поради пандемијата.

„Владата работи на сетови на мерки кои ќе ја придвижат економијата напред. Во претходните сетови мерки, угостителството и туризмот беа сериозно поддржани, затоа што државата со уредба го ограничи нивното работење. Во моментов факт е дека угостителите имаат можност да работат, секако следејќи ги протоколите кои комисијата за заразни болести ги предложи, а Владата ги усвои. Со тоа што голем дел од угостителите имаа можност и да ја прилагодат својата работа со воведување на достава на производите до своите клиенти. Во време на оваа светска криза, ние сите се прилагодуваме, но она што е начело кое го имаме од почетокот и кое е зад сите политики кои ги носиме, тоа е солидарноста и правичноста при креирање на мерките. Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата“, подвлече Битиќи.

Во соопштението се додава дека Владата продолжува да биде посветена на отворен и конструктивен дијалог со сите засегнати страни, што подразбира консултации помеѓу чинителите и инклузивен процес при креирањето и донесувањето на економските мерки. Ова е веќе воспоставена практика, која ќе продолжи и понатаму.

Сите предлози кои се доставени до Владата и ресорните министерства внимателно и темелно се разгледуваат и консултираат помеѓу сите економски ресори, а на крај, се донесува одлука на седница на Владата, како колективно тело кое донесува одлуки со консензус по што истите ќе бидат соопштени пред јавноста, се вели во соопштението. (M.J.)