Србија забрани употреба на 113 пестициди


Од пазарот во Србија се повлекуваат 113 препарати за заштита на растенијата (фунгициди и инсектициди), на кои најдоцна до вчера истече дозволата за примена.

Според објаснувањето од Управата за заштита на растенијата, тие постепено се укинуваат бидејќи содржат 17 активни супстанции кои од неодамна се забранети во ЕУ, па од вчера веќе нема да се користат ниту во Србија. Всушност, овие средства за заштита на растенијата беа забранети пред 18 месеци, а сега е изминат рокот кога требаше да се потрошат залихите. Оние препарати кои остануваат на пазарот мора да се уништат согласно законот.

Во последните четири години се забранети 50 активни супстанции, а предвидени се и казни за нивната употреба, објаснуваат надлежните.

Сепак, иако постои забрана за употреба на бројни препарати за заштита на растенијата, познато е дека во залихите на производителите има многу од овие пестициди, што може да предизвика проблеми. Несовесниот третман најчесто се открива при извоз, кога земјата увозник ќе утврди присуство на супстанца што не е дозволена при контроли по случаен примерок.

Во последните месеци проблем во регионот најчесто беше хлорпирифос (ефикасно средство за заштита на растенијата кое се користеше со години), но поради неговото негативно влијание врз здравјето на луѓето, тој беше повлечен од употреба во Европа.

Од Институтот за заштита на растенија и животна средина, во Европа постои тенденција за намалување на употребата на хемиски пестициди. Намерата е да се исфрлат сите средства кои можат да предизвикаат токсиколошки проблеми, а во исто време да се бараат нови, алтернативни решенија како замена.

Науката предвидува дека до 2040 година биолошките препарати ќе ги надминат хемиските на пазарот.