Србија забележа рекорден број новозаболени – 19.901
Епидемиолозите велат дека бројката на новозаболени е неколку пати повисока од онаа што ја соопштуваат здравствените власти
Во последните 24 часа во Србија се регистрирани 19.901 нов случај на корона вирус и 34 починати.
Во Србија досега од вирусот се заразени вкупно 1.579.847 лица, а регистрирани се 13.340 смртни случаи.
Во болниците во моментов се 3.114 пациенти, од кои 131 се на респиратор.
Во последните 24 часа тестирани се 39.282 лица, што значи дека процентот на позитивни примероци е дури 50 отсто.
Најголем број новозаболени во еден ден до сега е забележан на 18 јануари и изнесува 18.006. Првиот петцифрен број на нови случаи е забележан на 11 јануари 2022 година (13.693).
Епидемиологот Зоран Радовановиќ за телевизијата Н1 изјави дека реалната бројка на новозаболени е многу поголема од бројките што ги соопштуваат надлежните, како и дека големите редици пред клиниките за ковид и неколкучасовното чекање на пациентите покажуваат дека српскиот здравствен систем „колабира“.
„Не можеме да кажеме дека сите пациенти имаат лесна клиничка слика, има пациенти со компликации“, изјави директорката на Институтот за белодробни заболувања Љиљана Тимотиевиќ.
Бројот на граѓани заразени со Омикрон е три до четири пати поголем од официјално евидентираниот врз основа на лабораториски анализи, а до крајот на март ќе бидат заразено 70 отсто од српското население, изјави епидемиологот Радмило Петровиќ.