Србија во „шок“: Путин покажал дека Косово не му е важно


Путин на средбата со Гутереш на познатата долга бела маса

 

По состанокот со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, одржан на познатата огромна бела маса, рускиот претседател Владимир Путин објаснуваше зошто Москва ги признала двата одметнички региони во источна Украина кои прогласија независност. Тој се осврна на косовскиот преседан, кој значи удар за власта во Белград.

„Донецката Народна Република (ДНР) и Луганската Народна Република (ЛНР) станаа независни по аналогија со пресудата на Меѓународниот суд на правдата за Косово“, рече Путин.

„Јас сум многу добро запознаен, лично ги прочитав документите на Меѓународниот суд на правдата на ОН за Косово. Добро се сеќавам на одлуката на Меѓународниот суд на правдата во која се вели дека при остварување на правото на самоопределување територија на која било држава нема обврска да бара дозвола од централната власт. Тоа беше кажано за Косово и тоа е одлука на меѓународниот суд. Јас лично ги прочитав сите коментари на американските власти, европските земји, сите ја поддржаа. Ако е така, тогаш ДНР и ЛНР имаат исто право да го прогласат својот суверенитет, без да се обратат до централните власти на Украина, бидејќи е направен преседан“, рече Путин.

На ова Гутереш рече: „Но Обединетите нации не го признаа Косово“.

Рускиот претседател на тоа одговори – „Но Трибуналот да“.

Неговиот коментар вечерва осамна на насловната страна на српскиот весник „Блиц“, кој е наклонет на властите. Во насловот на „Блиц“ стои: „Путин само што покажа дека прашањето на Косово не му е важно. Во разговорот со Гутереш го искористи за да ги оправда своите своеволни потези“.