Србија во 2021 ќе го приватизира Танјуг и излегува од сопствеништво на Политика


Србија-Владата на Србија усвои Акционен план за спроведување на Стратегијата за медиуми од 2020 до 2025 година, а тој документ објавен е во Службен весник, јави дописникот на МИА од Белград.

Акцискиот план предвидува целосен излез на државата од сопственоста на АД Политика до четвртиот квартал од 2021 година, а првиот квартал од следната година е крајниот рок за завршување на приватизацијата на новинската агенција Танјуг и (без одлагање) поднесување пријава за бришење на агенцијата Танјуг од регистарот на стопански субјекти, односно медуми, соопштија од Здрижението на новинари на Србија (УНС).

Акцискиот план предвидува измена на 13 закони во следните две години, меѓу кои најмногу измени се однесуваат на Законот за информации од јавен карактер и медиуми, потоа Законот за електронски медиуми и Законот за јавни медиумски услуги.

Новинската агенција Танјуг беше затворена со одлука на Владата на Србија на 31 октомври 2015 година.

Со претходната медиумска стратегија се предвидуваше целосно повлекување на државата од медиумите, а законскиот рок за напуштање на медиумите од државата истече на 1 јули 2015 година. Целта беше да се воспостават еднакви пазарни односи и конкуренција во оваа област, особено во локалните средини, каде што малите приватни медиуми згаснуваа затоа што зависеа од сиромашниот пазар, додека оние во општинска сопственост преживеаја благодарение на парите од буџетот.

Иако беше затворен, Танјуг со години наназад работи со финансиска помош на државата – аплицираше на државни тендери, добиваше работа и потпишуваше договори со државните институции.