Србија трајно ја напуштаат 25.000 луѓе годишно
Србите си заминуваат, а на нивно место доаѓаат странци да работат. Главно Кинези, Руси и Турци
Повеќе од 25.000 луѓе годишно трајно ја напуштаат Србија повеќе од една деценија, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Институтот за развој на иновации, под наслов „Мобилност на работната сила во Србија“, пишува весникот „Данас“.
Од друга страна, пишува „Данас“, Србија во првите седум месеци од годинава издала околу 50.000 работни дозволи за странци, во кои доминираат работници од Кина, Русија и Турција.
Состојбата во Србија несомнено е подобрена кога станува збор за бројот на невработени, а економската состојба на пазарот на труд денес и во 2008 година не може да се споредува, изјави за овој медиум директорот на овој Институт, Ненад Јевтовиќ.
„Тогаш имавме речиси милион невработени, а сега имаме 296.000 невработени, од кои голем дел се привремено невработени, кои се во фаза на промена на работните места“, објаснува тој.
Меѓутоа, според Јевтовиќ, проблемот е што до 2027 година Србија го избра моделот на раст базиран на градежништвото.
Затоа, заклучно со јули годинава имаме околу 50.000 издадени работни дозволи за странци во Србија, а таа бројка сигурно ќе расте во наредниот период, смета Јевтовиќ, додавајќи дека тоа е неизбежно со сета работа што се бара за ЕКСПО, бидејќи Србија нема луѓе за тоа.
„Нема каде да се повлекуваат работници од Србија“, посочи тој.
Јевтовиќ за „Данас“ вели дека од 25.000 до 27.000 луѓе годишно, од 2011 до 2022 година, трајно ја напуштале Србија.
Но, според неговите зборови, државата Србија нема квалитетни податоци за емиграцијата, се наведува во текстот.
„Не знаеме каде се луѓето што заминуваат“, истакна Јевтовиќ, пренесува овој медиум.
Сликата на луѓето кои доаѓаат на работа во Србија не е баш онаква каква што ни изгледа.
„Таму доминантни се Кинезите, потоа Русите, а од 2017 година имаме експоненцијален раст на Турците, кои тројно се зголемија од 2017 до 2021 година“, откри тој.
Како што рече, тие не ни се толку видливи, но ги има. Највидливи се Кинезите бидејќи градат секакви проекти во Србија.
Јевтовиќ откри и дека пазарот на Западен Балкан е многу поделен на „национални корпуси“.
„Тоа се два национални корпуси, кои се сосема различни. Како прво, постои јазична бариера и нема размена на културни добра, така што не можете да најдете ни размена на работна сила меѓу српскиот и албанскиот корпус, но тоа не се совпаѓа со границите на државите.“ објасни тој.
Грубо кажано, покрај Србија, на границите на српскиот корпус припаѓаат и делови од Северна Македонија, Црна Гора и Република Српска.
Корпусот се разликува и по примарните дестинации на заминување на работниците.
„Албанскиот корпус како примарна дестинација ја има Италија, а потоа доаѓаат Германија и Швајцарија“, рече Јевтовиќ.
Тој додаде, пишува „Данас“, дека Албанија е негативен шампион по бројот на заминувања на работна сила.
„Имаат 20 отсто лекари надвор од државата, потоа е Косово со 18 отсто. Што се однесува до Србија, некаде помеѓу 10 и 12 отсто од вкупниот број лекари живеат надвор од Србија, покажуваат резултатите од истражувањето на Светската здравствена организација“, изјави Јевтовиќ.
Податоците покажуваат и дека работниците од Србија најмногу одат во Германија, а надвор од Европа тоа се Соединетите Американски Држави, се вели во текстот.
Јевтовиќ додаде дека просечно околу 21.000 луѓе добиваат српско државјанство секоја година.