Србија се согласила да ја снабдува Украина со оружје
Србија се согласи да испрати оружје во Украина и веќе можеби ги пренесла, и покрај официјалните изјави за неутралност, пишува Ројтерс, повикувајќи се на објавените тајни документи на Пентагон.
Информациите за испораката на оружје за Украина се содржани во документот насловен „Европа. Одговор на тековниот руско-украински конфликт“, кој беше составен на 2 март и е класифициран како „таен“, како и НОФОРН, кој забранува негово пренесување на странска војска и специјални служби. Тој содржи „позиции за проценка“ на 38 европски влади како одговор на барањето на Киев за воена помош.
Конкретно, во однос на Србија, документот вели дека Белград одбил да ги обучува украинските сили, но се обврзал да испрати смртоносно оружје или веќе го обезбедил. Се забележува и дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да ѝ обезбедува оружје на Украина.
Министерот за одбрана, Милош Вучевиќ, веднаш ги демантираше овие наводи. „По којзнае кој пат е објавена лага дека Србија ѝ продава оружје на Украина. Очигледно нечија цел е да ја дестабилизира нашата земја и да ја вовлече во конфликт во кој нема да учествуваме“, одговори српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ за Спутник, кој е руски државен медиум.
„Ние ги негиравме тие невистини повеќе од десет пати и еве сме, ќе го повториме тоа. Србија нема, ниту ќе продава оружје на украинската или руската страна, ниту на земјите во опкружувањето на тој конфликт“, рече Вучевиќ.
Србија сè уште е единствената земја во Европа која не воведе санкции против Русија за војната во Украина. Белград постојано ја нагласуваше својата неутралност, а во есента 2022 година го негираше снабдувањето со ракети за системите „Град“ за Киев од приватна српска компанија.
На почетокот на април, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија не може да гарантира зачувување на неутралноста. „Сакаме да одиме во Европа, знаеме колку се тешки условите, особено за Косово, но не можеме многу без Европа… немаме многу избор и нема друг начин“, рече Вучиќ.
Пред ова, Белград ја засили соработката со НАТО и планира да одржи заеднички воени вежби со американската армија и 10 други партнерски земји во јужна Србија во средината на јуни. „Ова се најголемите воени маневри на територијата на Србија, а за тоа нема никаква тајна… Ова е јавна одлука на српската влада, која ги одобри овие маневри пред две недели“, рече министерот Вучевиќ.