Србија се откажа од руските борбени авиони и нарача француски „рафали“ за 2,7 милијарди евра


 

Русија продолжува да го губи пазарот на оружје од Србија, една од последните лојални европски земји која не се приклучи на санкциите и купува оружје од Москва уште од советско време. Наместо купување на руски борбени авиони, за што се зборуваше од 2021 година, српските власти одлучија да купат француски „Рафал“.

Договорот за набавка на 12 авиони во вредност од 2,7 милијарди евра во четвртокот го потпишаа претседателите на Србија и Франција, Александар Вучиќ и Емануел Макрон.

Овој договор ќе го означи почетокот на „стратешките промени“ во Србија, рече Макрон на заедничката прес-конференција со Вучиќ. Тој додаде дека местото на Србија е во Европската унија.

Според Блумберг, за време на посетата на Макрон беа потпишани 11 договори за инфраструктурни проекти, снабдување со критични суровини, како и за потенцијалниот развој на нуклеарната енергија во Србија.

Договорот за борбените авиони, кои ќе ја заменат застарената флота на руските „МиГ-29“ на Военото воздухопловство на Србија, беше финализиран само неколку часа пред пристигнувањето на Макрон. Франција сакаше „одредени гаранции“ од Белград, рече Вучиќ, мислејќи на непреносот на технологија во Русија.

Пред војната, Белград доби четири хеликоптери „Ми-35М“, шест ловци „МиГ-29“, три транспортни хеликоптери „Ми-17В-5“, противвоздушни ракетни и оружени системи „Панцир-С1“, 30 тенкови „Т-72МС“ и 30 оклопни возила „БРДМ-2МС“ од Русија.

Според Вучиќ, Франција инсистира Србија да се приклучи на санкциите против Русија. „Го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина“, но приклучувањето кон ограничувањата на Западот не е опција, рече Вучиќ.

Францускиот претседател додаде дека изборот на Србија на француските борбени авиони „Рафал“ е „јасен избор кој ја претставува волјата за долгорочен сојуз меѓу двете земји во рамките на силна суверена Европска унија“.

„Почитуван Александар, ти благодарам уште еднаш за стратешките одлуки што ги донесе денеска, за ангажманите што ги презеде. Одлуките донесени денес го продолжуваат славното минато“, рече Макрон.

Францускиот претседател се осврна на темата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, истакнувајќи дека Франција инсистира на формирање Заедница на српските општини на северот на Косово, но апелира и на определбата на двете страни за нормализирање на односите во рамките на преговорите со посредување на Европската унија.

Одговарајќи на новинарски прашања, Макрон рече дека договорот за продажба на борбени авиони „Рафал“ на Србија е многу важен и дека многу луѓе ја критикуваат Србија затоа што има партнерство со Русија и Кина, а сега има партнерство со Франција.

„Го почитувам партнерството со другите земји, но ова е стратешка промена. Ова е показател за европскиот дух“, рече Макрон на прес-конференцијата.

Тој рече дека и Грција и Хрватска се во „Клубот Рафал“ и дека ова е можност за регионални интеграции.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека француските новинари секогаш мислат дека Србија ќе соработува со Русија, дека нема да се извини за тоа.

Вучиќ изјави дека знае дека Макрон би сакал Србија да воведе санкции кон Русија, но дека Србија не го сторила тоа, дека не се срами од тоа и не сака да се правда.

Тој додаде дека Србија не направила ништо против Украина, дека го поддржува нејзиниот територијален интегритет и Повелбата на Обединетите нации и дека дала повеќе помош од сите други на Балканот „помножено со 20“.

Тој рече дека разговорите за „Рафал“ биле многу тешки.

„Не би дале трансфер на технологија за ништо на светот. Не е евтина, но е голема работа. За прв пат во историјата ќе имаме западно производство на ловци кои ќе го штитат небото на Србија. Мислам дека тоа е добар пат во односите меѓу Франција и Србија“, изјави Вучиќ.

Тој рече дека, според мислењето во Србија, „рафалите“ се меѓу најдобрите авиони во светот, но дека Србија не може да има метеор ракета.

Двајцата државници се среќаваат по 22 пат, а Макрон последен пат ја посети Србија во 2019 година.