Србија сака да купи до 12 отсто удел во нуклеарка
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска во Глазгов, каде се одржува глобален самит за климата, дека наскоро треба да се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан и да разговара со него за можноста Србија да купи одреден сопственички удел во унгарската нуклеарна централа Пакс.
Вучиќ за Пинк изјави дека Србија може да купи пет, 10 или 12 отсто удел во таа нуклеарна централа, пренесе Танјуг.
Тој рече и дека Србија е заинтересирана за други нуклеарни централи во регионот и дека со Бугарите ќе види дали би можеле да купи дел од нив.
Блиц пишува дека Србија би можела да ги компензира мегаватите струја што и недостасуваат со изградба на нуклеарна централа, за која се погласно се зборува.
Има две решенија – Србија да изгради сопствена нуклеарна централа или да купи малцински удел во некоја што се гради во близина.
Математиката е јасна, од Електростопанството на Србија (ЕПС) велат дека недостигаат 700 мегавати, кои во претходните планови требало да бидат покриени со изградба на две централи. Од друга страна, најевтина е цената на струјата што доаѓа од нуклеарните централи. Експертите сметаат дека потребите во иднина би ги задоволил нуклеарен комплекс од 1,4 гигавати инсталирана моќност, во чија изградба треба да се инвестираат околу пет милијарди евра. Претседателот Александар Вучиќ претходно изјави дека би било добро Србија да има нуклеарна централа, но дека нејзината изградба чини од 12 до 15 милијарди евра, така што тие пари во овој момент ги нема.