Србија нема да ги признае референдумите во Украина, изјави Вучиќ


Фото: Бета

 

Србија не може и нема да ја признае очекуваната одлука на рускиот парламент да ги прифати териториите на Украина каде се одржаа референдуми за присоединување кон Русија, изјави во средата српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Ние го штитиме сопствениот територијален интегритет и во наш најдобар интерес е да го заштитиме територијалниот интегритет на меѓународно признатите земји. Тоа е единственото нешто што секако не може да се промени, овие работи се од клучно значење за нас“, им изјави Вучиќ на новинарите по церемонијата на отворање на данска фабрика во војводинскиот град Инѓија.

Тој повтори дека Србија нема да ги признае референдумите одржани на украинските територии под контрола на руските цивилно-воени власти, окупирани по инвазијата што започна во февруари.

На тој начин Србија „го штити својот интегритет“, рече Вучиќ, тврдејќи дека „најпаметно е Србија да го почитува туѓиот територијален интегритет, бидејќи повеќе нема да има став“ во однос на Косово, чија независност беше прогласена во 2008 година.

Тој нагласи дека е многу заинтересиран како (Брисел) ќе ја покрене процедурата за прием на Косово во Советот на Европа по одлуката за припојување на четири украински региони кон Русија по референдумот.

Тој повтори дека меѓународните притисоци врз Србија во однос на Русија и воведувањето санкции против Москва се „многубројни“ и дека очекува тие да се намножат.

Има сѐ помалку трпение, нервозата се зголемува и ќе бидат ангажирани сите групи за притисок, како и дел од медиумите и политичките партии. Тој рече дека негова работа е да се грижи за Србија и нејзините интереси.

Зборувајќи за притисокот врз Србија, тој рече дека не се бори „ни за Путин ниту за Бајден“, туку за Србија.

„Не ми е гајле за странските лидери. Гледам како во овие тешки моменти Србија да не биде под нивен удар и гледам како да размислувам за денот потоа. Некој мора да размисли што ќе правиме утре, кога ќе имаме мир, дали успешно ги браневме нашите интереси или не“, рече Вучиќ.

Радио Слободна Европа претходно денеска објави дека Европскиот парламент ќе побара од Европската унија да ги прекине пристапните преговори со Србија сѐ додека таа не воведе санкции кон Русија. Во својот извештај, РСЕ се повикува на нацрт на новата стратегија за проширување на ЕУ, до која радиостаницата имала пристап.