Србија не се радува што Македонија не доби датум од Брисел


Beograd, 31. marta 2018. - - Ministarka za evropske integracije Jadranka Joksimovic govori na panelu. U Palati Srbija danas se odrzava "Nacionalni konvent o Evropskoj uniji", sastanak u okviru unutrasnjeg dijaloga. Skup je podeljen na tri panela a na trecem panelu razgovara se o temi "Pitanje KiM u kontekstu evropskih integracija Srbije – Poglavlje 35". FOTO TANJUG/ TANJA VALIC/ bg

Србија не се радува за одлуката на ЕУ за Северна Македонија и Албанија и како земја кандидат не е целосно задоволна од темпото на нејзината интеграција, иако е во процес на пристапување, за разлика од Северна Македонија и Албанија кои очекуваат датум за почеток на преговорите со што и почнува процесот на пристапување, изјави денеска српската министерка за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, министерката Јоксимовиќ говорејќи за ТВ Пинк за можните последици од одлуката на ЕУ да не ги отвори пристапните разговори со Скопје и Тирана и евроскептицизмот кој е испровоциран во јавноста од таквата одлука, потсети на тоа како изгледал почетокот на преговорите на Србија, која стана кандидат за членство во ЕУ во 2012 година, а една година подоцна го доби датумот за старт на преговорите и во јануари 2014 година ги почна, за потоа, првите поглавја да се отворат дури во декември следната 2015 година.

-Беа потребни повеќе од три години за почнување на преговорите за да влеземе во пристапниот процес. Не се сеќавам дека тоа тогаш се сметаше како удар и закана за стабилноста на регионот, а деновиве слушавме разни толкувања и претежно катастрофални и клаустофобични наративи, истакна Јоксимовиќ.

Таа оцени дека нема причина за евроскептицизам, дека Србија заслужува побрз напредок во процесот на интеграција во ЕУ, но дека го почитува моментот во кој се наоѓа ЕУ, која има свои проблеми, како што се Брегзит и мигрантската криза.

Според министерката, самитот на лидерите на ЕУ во Брисел порача дека политиката на проширување и одлуките за Северна Македонија и Албанија ќе бидат повторно на маса за време на самитот ЕУ-Западен Балкан, закажан во Загреб во првата половина на 2020 година, за време на хрватското претседателство со Советот на ЕУ.

-Значи, не е кажано апсолутно не, но разочарувањето се случи, особено во Северна Македонија, поради Преспанскиот договор и многу тешките работи кои уследија за решавање.Тие очекуваа дека само Северна Македонија ќе добие даде датум, но ЕУ очигледно сметаше дека „пакетот“ Скопје-Тирана е важен за стабилноста на регионот и затоа одлуката се однесуваше на двете држави, објасни министерката Јоксимовиќ.

-Сега е време да покажеме дека имаме поголем капацитет за добра иднина од постојаниот самоуништувачки нагон постојано да објаснуваме дека овој регион е центар на секакви зла и непрогресивен, рече Јоксимовиќ.

Во овој контекст, ја истакна важноста на иницијативата за „мал шенген“, која, како што рече, го покажала најдобриот европски начин за меѓурегионална соработка, а тоа е моделот на слободен проток на луѓе, идеи, капитал, добра, услуги.

На констатацијата на ТВ Пинк дека премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, го става целиот Балкан во визура на одлуката на ЕУ, Јоксимовиќ истакна дека има несогласување во ЕУ со оценката дека некои земји ја уверувале Северна Македонија дека ќе добие датум за почеток на преговорите, но дека не може целиот Балкан да се стави во таа визура, затоа што најголемите балкански земји – Романија, Бугарија и Грција – се веќе членки на ЕУ. Таа додаде дека не треба да правиме паралелни светови таму каде што ги нема и заедничката цел е остатокот од Балканот да влезе во ЕУ.

Српската министерка за европски интеграции повтори дека одлуката на ЕУ не е добра и дека Србија жали поради тоа и сака искрена соработка, како и дека Белград сака сите да напредуваат и да ги исполнуваат сите критериуми што требаше да ги исполни и Србија.

Таа ја истакна важноста сите земји во регионот да работат заедно на овие критериуми и реформи во текот на следните шест месеци и изрази подготвеноста на Србија да им помогне на земјите-кандидатки со своето искуство.

Коментирајќи ги изјавите на претставниците во заминување во ЕУ, Федерика Могерини и Жан-Клод Јункер, дека се можни конфликти доколку Западен Балкан не биде примен во ЕУ, Јоксимовиќ изјави дека во овие проценки нема лоша намера, но дека целта им била да ја подигнат причината на повисоко ниво поради тоа што е важно овој регион да биде активен во процесот на европска интеграција.

-Сепак, предупредувањето за опасност придонесува за опасност. Не треба да ги игнорираме и да ги ставаме под килимот, но ако продолжиме постојано да звониме на алармот, тогаш тоа на опасностите им оди на рака. Мислам дека тука има поважни и подобри идеи, како „малиот шенген“ кој има политичка и економска димензија.

Јоксимовиќ го коментираше и извештајот на аналитичкиот центар на Европскиот парламент во кој се наведува фрустрацијата на Србија во врска со одлуката за Скопје и Тирана и нејзиното сé повеќе свртување кон Русија и Кина, велејќи дека тоа е легитимен став и дека Србија не е фрустрирана.

-Постојат фрустрирани индивидуи, а не земји и влади, а Србија нема причина да се фрустрира, ние сме високо мотивирани да сториме сè за напредок на нашата економија, политичката стабилизација и подобриот живот за нашите граѓани, рече министерката.

Коментирајќи ги замерките на ЕУ за соработката на Србија со Кина и Русија, Јоксимовиќ рече дека Србија тоа го прави за своите граѓани и истовремено истакна дека некои земји на ЕУ, како Германија и Холандија, минатата година значително го зголемија обемот на трговија со Русија и покрај санкциите.Таа додаде дека договорот потпишан од Србија со Евроазиската унија е значаен за српската економија.

За изјавата на американскиот специјален претставник за Балканот, Метју Палмер, дека одлуката на ЕУ за Северна Македонија е лоша и обесхрабрувачка и дека лошо ќе влијае на дијалогот Белград – Приштина, Јоксимовиќ рече дека станува збор за повеќеслојна политика на САД, ЕУ, Русија, па дури и на Кина.

Одлуката на ЕУ за Северна Македонија и Албанија во никој случај не смее да задира во европскиот пат на Србија, рече министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ и изрази очекување дека Србија може да отвори едно, две или три поглавја во пристапниот процес до крајот на годинава ЕУ.