Србија на прво место во Европа по бројот на новозаболени


Србија се наоѓа на првото место во Европа, а на четвртото во светот, според бројот на нови случаи на корона вирусот на милион жители во последните седум дена, покажуваат најновите податоци од страницата worldometers.info.

Со 5.509 новозаразени на милион жители, Србија ја надмина Црна Гора (4.976), потоа Литванија (3.783) и Велика Британија (3.552). Меѓу првите десет земји по тој параметар се уште две земји од поранешна СФРЈ – Словенија на осмото место и Хрватска на десеттото место.

На глобално ниво, пред Србија се само две прекуморски територии – Нова Каледонија и Бермуди, како и егзотичната островска држава Антигва и Барбуда.

Во последните седум дена, во Србија се регистрирани вкупно 47.897 нови случаи на коронавирус, а најголем број нови инфекции на седумдневно ниво во Србија е регистриран во периодот од 28 ноември до 4 декември минатата година, кога беа откриени 50.946 нови случаи.