Србија: На кризниот штаб веќе никој не му верува. Прогласот го потпишале 1.200 лекари


Кризниот штаб е естрадно и политички инструиран, обвинуваат лекарите

Кој треба да го формира, министерот во заминување, премиерот во заминување? Лекарите кои имаат потпишано петиција или барање за нов кризен штаб треба да формираат независен кризен штаб, изјави за весникот „Данас“ познатиот српски хирург од Нови Сад, Мирослав Илиќ, вработен во Институтот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица.

Тој забележува дека, колку што знае, на никој од лекарите во Нови Сад не му било понудено да го потпише тоа барање, но и дека е подготвен да го стави својот потпис, иако смета дека треба да се постапи поинаку.

„Ние, докторите и останатиот медицински персонал, треба да се организираме како еснаф, затоа што веќе не веруваме во сегашниот штаб. Синдикатот на лекарите и сите синдикати во здравството на Србија треба да формираат нов, независен кризен штаб. Затоа што, никој повеќе не им верува на Ана Брнабиќ и на Златибор Лончар, тие повторно ќе стават некој свој. Тој независен кризен штаб ќе ги предупреди Европа, владата и граѓаните на Србија кои се најдобрите чекори во моментот“, вели Илиќ. Тој му забележува на сегашниот кризен штаб дека е естрадно и политички инструиран и вели дека никој повеќе не им верува затоа што ги лажеле луѓето.

Новиот кризен штаб, според него, прво треба да побара увид во списоците на навистина болните, да ги посети болниците од кои доаѓаат информации дека немаат со што да работат, да формираат инспекции што ќе утврдат кој работи незаконски за колку часови: 10, 12, 48 часа, да сними што е потребно и да ги испрати Европската унија вистинските потреби за материјалот. И трето: да се информираат граѓаните за сето тоа и да ги предупредат за мерките за заштита и како да се придржуваат кон нив.

Илиќ потсетува на големото доцнење во лабораторијата „Ватрено око“, дека брисевите се изгубени и додава дека државата е дојдена во ситуација кога дури и здравствените работници повеќе не веруваат во тестовите.

Во меѓувреме, расте бројот на лекарите кои се потпишуваат под прогласот со кој се оградуваат од кризниот штаб за борба против Ковид-19. Прогласот, кој беше инициран од 350 лекари пред три дена, во средата беше потпишан од 700, а утрово на списокот има 1.206 имиња.

Лекарите бараат на јавноста да ѝ се објасни надлежноста за базата на податоци во Ковид порталот и да се организира постапка за сигурно утврдување на бројот на заразени, болни и мртви лица од Ковида-19, како во општата популација, така и меѓу здравствените работници.

Потребна е независна истрага ако се утврди дека информациите биле намерно сокриени, а од одговорните кои свесно и намерно учествувале во тоа треба да се бара професионална и друга одговорност.

Лекарите бараат формирање на нов кризен штаб, кој ќе се состои од експерти со докажани професионални и морални квалитети. Неопходно е да се застане на заплашувањето и политизацијата. (Данас)