Србија: Министерот за образование, кој ги обвини западните вредности за трагедијата, поднесе оставка


Бранко Ружиќ

 

На третиот ден од националната жалост во Србија, министерот за образование, Бранко Ружиќ,, поднесе оставка. Тој беше под силен притисок на јавноста по трагедијата во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, каде еден 14-годишник уби осум свои врсници и училишниот чувар. Ружиќ, кадар на Социјалистичката партија, веднаш по трагедијата, за настаните ги обвини „западните вредности“, кои биле преземани во српското општество.

Бројни граѓани кои протестираа пред Министерството за образование по трагедијата во „Владислав Рибникар“ побараа оставка од министерот Бранко Ружиќ. Истото барање го упатија и Младинската иницијатива за човекови права, некои синдикати и опозицијата.

Претседателот Александар Вучиќ и и лидерот на социјалистите, Ивица Дачиќ,  претходниве денови изјавија дека Ружиќ е подготвен да поднесе оставка. Неодамна опозицијата побара оставка од него поради скандалот со мафијашот Кристијан Голубовиќ (идол на другиот масовен убиец, момчето од Младеновац). Голубовиќ е еден од ретките преживеани членови на тнр. Вождовачки клан од деведесетите. Тој во училиште на Канарево Брдо снимаше спот со хип-хоп групата „Црниот Церак“. Министерот за образование тој настан го протолкува само со зборовите: „Па, што?

Во оставката Ружиќ, меѓу другото напиша: „Оставката е личен, но и политички чин, во развиените демократски општества е знак на сила, но кај нас често е знак на слабост. Нека суди јавноста“.