Србија: Минималец за дуќанџиите три месеци, по 100 евра за секој полнолетен граѓанин, најави Вучиќ


Српскиот претседател Александар Вуќиќ, за вторник најави пакет мерки со кои Србија ќе им помогне на претпријатијата и граѓаните да ја пребродат корона кризата. Во тие мерки спаѓа и исплата на минимална плата во наредните три месеци за сите претприемачи, микро и мали претпријатија. Тој исто така рече дека се размислува и за еднократна помош за секој полнолетен граѓанин во Србија во износ од 100 евра, за што се консултираат со ММФ.

„На секој фризер, чевлар, пекар…, на сите вработени во нивните фирми ќе им го платиме минималецот. Фризерот сега не може да заработи пари, но ќе има да исплати минимална плата и за себе и за неговиот вработен. Ние сакаме да им помогнеме на претприемачите да преживеат, но на оваа помош може да сметаат само оние кои не отпуштиле повеќе од 10 отсто од вработените“, рече Вучиќ.

Како што јавуваат српските медиуми, Вучиќ додал дека ЕУ и ММФ рекле дека во овој момент износот на буџетскиот дефицит и на јавниот долг не се проблем, но сепак ќе гледа долгот да не надмине 60 отсто во однос на српскиот БДП.

Една од мерките е и помош за големите и средни компаниии е преку корпоративни обврзници.

Зборуваме за пекет од 5 милијарди евра“, рече Вучиќ и додаде дека има три начини на кои можат да се обезбедат средствата – едно се внатрешните буџетски резерви, потоа задолжување на домашниот пазар на хартии од вредност и трето на меѓународниот пазар.

„Се консултираме со ММФ. Најдовме пари. Размислуваме на секој возрасен граѓанин во Србија да му дадеме по 100 евра, што е вкупно 520 милиони евра. Тоа би била еднократна помош“, рече Вучиќ.