Србија: Минатата година има најголем број умрени уште од Втората светска војна

Лани во Србија починале дури 136.000 луѓе. Во моментов Србија без Косово има 6,6 милиони жители


Белград

 

Српскиот демограф Горан Пенев изјави дека минатата година со 136.000 умрени се издвојува како година со најголем број на починати во Србија по Втората светска војна.

Пенев за агенцијата Бета изјави дека податоците за бројот на умрените и живородените од јануари до декември 2021 година, објавени во последниот извештај на Републичкиот завод за статистика (РССС), ги потврдуваат претходните предвидувања дека минатата година била „исклучителна“ во однос на природните движење на населението во Србија.

Тој посочи дека причина за ваквите движења е првенствено пандемијата на Ковид-19, но во голема мера и дека тие се продолжение на долгорочните, децениски трендови на морталитетот и фертилитетот на населението.

Според официјалните податоци на Републичкиот завод за статистика, во 2021 година имало 62.062 живородени и 135.901 умрени. Негативниот природен прираст изнесува 73.839 и е еден од најголемите во последните неколку децении.

Србија лани поради негативниот природен прираст губеше по 202 жители секој ден.

Доколку се споредат податоците за декември 2021 година со соодветните за истиот месец 2019 година, т.е. последната нековид година, бројот на починати беше за над 45 отсто поголем, додаде тој.

На прашање на Бета дали Ковид-19 е единствената причина за зголемена смртност, Пенев вели дека може да се заклучи со голема сигурност дека 2021 година, во однос на 2020 година, не само што е зголемен бројот на починати од ковид, туку и бројот на починати од други причини за смрт.

„Порастот на смртноста, што не може директно да се припише на ковидот, е забележлив не само во однос на 2020 година, туку и во однос на последната ‘нормална’ 2019 година. Овие податоци јасно укажуваат на голем број индиректни последици од пандемијата во услови на вонредна епидемиска ситуација, што се одрази на долготрајното оптоварување на здравствениот систем на земјата“, објасни тој.

Запрашан да процени колку луѓе во моментов има во Србија, Пенев рече дека во Србија, без Косово, има најмногу 6,6 милиони жители.