Србија: Ковид пропусници за ресторани, но само после 22 часот


По драматичното влошување на ситуацијата со пандемијата во Србија тамошните власти одлучија да преземет некакви мерки – ќе бидат воведени ковид пропусници за угостителските објекти во затворен простор, но тие ќе важат само од 22 часот.

На седницата на Кризниот штаб беше одлучено во Србија да се воведат пропусници за ковид во затворените простории на угостителските објекти. Овие мерки ќе важат од 23 октомври во 22 часот, рече премиерката Ана Брнабиќ по седницата на Кризниот штаб. Ковид пропусниците ќе бидат потребни во угостителските објекти дури по 22 часот, прецизира таа.

Таа рече дека за странците е валиден сертификатот на ЕУ ​​за ковид, како и сертификатите на други земји со кои Србија има потпишано договор. Брнабиќ нагласи дека медицинскиот дел од Кризниот штаб останал на барањето за затворање, но додаде дека немало консензус за тоа во медицинскиот дел.

Брнабиќ рече дека епидемиолошката состојба сѐ уште е катастрофална и дека не се смирува. Таа рече дека утрово била на конференција во хотелот „Метропол“ во Белград, каде што само 40 проценти од 100 луѓе носеле маски и дека размислувала што да прави – дали да зборува на таква конференција, но, како што вели, темата била премногу важна.

Премиерката, исто така, рече дека вакцинацијата и натаму е исклучително лоша. „Имаме 54,6 проценти вакцинирани со првата доза, 52,5 проценти ревакцинирани од полнолетното население, додека 15 проценти ја примиле третата доза“, истакна таа.

Според официјалните податоци, уште 58 лица починале во последните 24 часа од корона вирусот во Србија, така што вкупниот број на жртви е 9.272. Од последниот пресек на ситуацијата во Србија, тестирани се 24.984 лица од кои 7.745 се позитивни, што е пак огромни 30,9 отсто.

На респиратор има 273 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 6.708 луѓе.