Србија ќе стане втор најголем производител на бакар во Европа


Министерката за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ оцени дека благодарение на новоотворениот рудник „Чукару Пеки“ кај Бор, Србија „во одреден момент“ ќе стане втор најголем производител на бакар во Европа.
Таа за Политика оцени дека по производството на злато Србија ќе се „доближи“ до Финска како најголем европски производител.

Наоѓалиштето ‘Чукару Пеки’ во горната зона е едно од најбогатите наоѓалишта на бакар и златна руда во светот, а во новиот рудник Zijin mining инвестираше 474 милиони долари. „Благодарение на овој проект, Србија во одреден момент ќе стане втор најголем производител на бакар во Европа, веднаш по Полска, а нашиот удел во производството на оваа руда ќе се зголеми од пет на 18 проценти“, додаде Михајловиќ.

Според неа, бакарот заедно со литиумот е една од критичните минерални суровини што ќе се користат во сите нови технологии кои вклучуваат декарбонизација, пренесува Сеебиз.

„Србија има огромни резерви на овие стратешки важни метали, што е важно за позиционирање во светот во иднина. Ова особено се однесува на литиумот, каде целта е Србија не само да биде извозник на суровини, туку да го развие целиот производствен синџир, вклучително и електричните батерии и електричните автомобили“, рече Михајловиќ.