Србија ќе ја пресели амбасадата во Ерусалим со договорот потпишан кај Трамп


Кој изгледа најмногу загрижен на фотографијата? (Фото: Ројтерс)

Доналд Трамп издејствува две поволности за Израел во договорот за економска нормализација меѓу Србија и Косово

 

ВАШИНГТОН – Претседателот Доналд Трамп во петокот објави дека Србија и Косово ги нормализирале економските врски како дел од разговорите со посредство на САД, кои вклучуваат Белград да ја префрли својата амбасада во Ерусалим, а Израел и Косово да се согласат на меѓусебно признавање.

По два дена состаноци со претставници на администрацијата на Трамп, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти се согласија да соработуваат на низа економски фронтови за привлекување инвестиции и создавање работни места. Соопштението му обезбеди на Трамп дипломатска победа пред претседателските избори во ноември и ѝ овозможи на неговата администрација да ја подобри меѓународната позиција на Израел.

„Задоволен сум што објавувам навистина историска посветеност“, рече Трамп во Овалната соба, застанувајќи покрај двајцата лидери, кои потпишаа договор за економска соработка. „Србија и Косово се обврзаа на економска нормализација“.

„После насилната и трагична историја и долгогодишните неуспешни преговори, мојата администрација предложи нов начин за надминување на поделбата. Фокусирајќи се на создавање работни места и економски раст, двете земји беа во можност да постигнат голем напредок“, рече претседателот.

Трамп рече дека Србија се обврзала да отвори трговска канцеларија во Ерусалим овој месец и да ја премести нејзината амбасада таму во јули.

Одлуката на Србија да ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим е добар чекор и за Израел и за Соединетите Држави. Администрацијата на Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел кон крајот на 2017 година и ја премести амбасадата на САД таму во мај 2018 година.

Администрацијата ги охрабри и другите земји да го сторат истото, но беше широко критикувана од Палестинците и многумина во Европа затоа што израелско-палестинскиот конфликт останува нерешен. Косово, претежно муслиманска земја, никогаш порано не го признала Израел ниту, пак, Израел го признал Косово.

Гестовите кон Израел се дел од притисокот на администрацијата на Трамп да ја поддржи еврејската држава, што вклучува и присилни осудувања на критиките кон Израел во Обединетите нации и на други меѓународни места. Неодамна, администрацијата посредуваше за склучување договор меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати за нормализирање на односите. Следуваше првиот комерцијален лет меѓу Израел и ОАЕ, а соседите Саудиска Арабија и Бахреин дозволија таквите летови да минуваат низ нивниот воздушен простор. Други арапски држави, вклучително и Судан, Бахреин и Оман, се идентификувани како земји кои наскоро може исто така да ги нормализираат односите со Израел.

Косовскиот парламент прогласи независност од Србија во 2008 година, девет години откако НАТО спроведе 78-дневна воздушна кампања против Србија за да се запре крвавата акција против етничките Албанци на Косово. Повеќето западни нации ја признаа независноста на Косово, но Србија и нејзините сојузници Русија и Кина не ја признаа.

„Ние не ги решивме сите наши проблеми. Сè уште има разлики“, рече српскиот лидер, но додаде дека имањето унифицирана економска зона со Косово е „огромен чекор напред“.

Хоти исто така ја опиша економската соработка како „огромен чекор напред“ во односите и рече дека двајцата лидери се посветени на заедничката соработка.

Србија и Косово веќе имаат договори за авиони, железница и транзит, вклучително и оној што ќе го расчисти патот за првиот лет меѓу Приштина и Белград во последните 21 година. Новиот договор опфаќа многу повеќе области на економска соработка. Деловните лидери во двете нации се фрустрирани и разговараа меѓусебно за начините за поттикнување инвестиции надвор од тековните политички разговори со посредство на Европската унија.

Во понеделник, Вучиќ и Хоти треба да заминат во Брисел на разговори под покровителство на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.

ЕУ посредуваше во разговорите меѓу двајцата поранешни воени непријатели повеќе од една деценија, а паралелниот напор на САД, иако беше насочен кон економскиот развој, не беше прифатен во целост од некои претставници на ЕУ.

Самитот на Белата куќа првично беше закажан за јуни, но тој беше откажан откако од Судот за ОВК беше обвинет за косовскиот претседател Хашим Тачи, кој требаше да ја предводи косовската делегација.

Тачи го поздрави договорот и му се заблагодари на Трамп. Во изјавата објавена на социјалните медиуми, тој рече дека Косово сега треба да продолжи да бара членство во меѓународни организации за да го подобри статусот на домашната и меѓународната сцена. (Асошиетед прес)